Време е да се прифатат „непријатните вистини“ за да може да се врати довербата во Обединетите нации, изјави на првиот ден од општата политичка дебата во рамките на 81. годишна сесија на Генералното собрание на Светската организација нејзиниот претседател, Халилур Рахман.
Министерот за надворешни работи на Бангладеш беше избран на функцијата во јуни годинава. Темата на 81. Сесија што започна на 8 септември, е „Враќање на довербата, управување со трансформацијата: Обединети нации што постигнуваат резултати за сите“.
Од говорницата на ОН, Рахман истакна дека фактот што Светската организација опстанала 80 години и се проширила од 50 земји членки во 1945 година на 193 денес, сам по себе не е доказ за успех.
„ОН мора да се соочат со болните вистини ако сакаат да ја вратат довербата на јавноста“, предупреди тој.
Претседателот на сесијата на Генералното собрание на ОН посочи дека глобалните воени расходи се приближуваат до три билиони долари. Во исто време, развојната помош е намалена за 23 отсто на годишно ниво, а напредокот кон една третина од целите за одржлив развој на ОН е во застој.
Африка и натаму нема постојано место во Советот за безбедност на ОН, осум децении по основањето на организацијата, истакна Халилур Рахман. Тој нагласи дека тоа мора да се промени во име на правичноста и авторитетот на ОН.
„Не можеме да продолжиме да лекуваме хронична болест со привремени аналгетици, кога ни е потребна подлабока дијагноза и посеопфатен план за трансформација“, предупреди претседателот на сесијата на Генералното собрание на ОН.
Во заклучокот тој призна дека „задачата да се врати довербата во Светската организација не е лесна, ниту може да се заврши за еден ден“, но нагласи дека таа мора да биде исполнета за ОН во наредните децении да го реализираат својот „неверојатен потенцијал“.




