Горната фаза од ракета „Фалкон 9“ на „Спејс-Икс“ ќе удри во Месечината, во близина на кратерот Ајнштајн. Според интернет-страната „Гизмодо“ (Gizmodo), неконтролираниот удар веројатно ќе биде видлив од одредени места на Земјата со помош на телескопи.
Бил Греј, автор на компјутерската планетарна програма „Проект Плутон“ (Project Pluto), првпат утврди како ракетата ќе ја погоди Месечината следниот месец, внесувајќи податоци во својата програма со цел да го предвиди движењето на леталото без гориво и на нашиот природен сателит. Така, горната фаза од ракетата што ќе ја погоди површината на Месечината доаѓа од мисијата „Фајрфлај блу гост“ (Firefly Blue Ghost) на „Спејс-Икс“, којашто полета на 15 јануари 2025 година. Во тој свој лет, „Фалкон 9“ го однесе месечевиот приземјувач „Блу гост“ на „Фајрфлај аероспејс“ (Firefly Aerospace) во вселената, заедно со приземјувачот „Хакуто-Р“ на јапонската високотехнолошка компанија „Ај-Спејс“.
Според наводите по отпуштањето на приземјувачот, ракетата останала без гориво и не може да се врати на Земјата. Оттогаш неконтролирано талка во вселената.
Горниот дел од леталото е долг околу 11,9 метри, широк четири метри и тежи околу 4.000 килограми. Ќе ја погоди Месечината со брзина од околу 8.690 км/ч. Според пресметките на Греј и неговите колеги, горната фаза всушност нема да има многу голем удар. Причината е што, иако е поголема од повеќето природни тела што ја погодуваат Месечината, тука се работи шуплив предмет што се движи значително побавно.
Сепак, настанот претставува можност за астрономите да набљудуваат вештачки предизвикан удар во реално време. Тие ќе можат да го искористат тоа за да проучат како прашината и материјалот исфрлен од ударот се движат на Месечината, како и за истражување на опасностите што ги претставуваат ударите од вештачкиот вселенски отпад.
Според истражувачите, ударот ќе биде највидлив од места што ќе бидат во целосен мрак во времето на настанот – Јужна Америка и делови од Северна Америка на ниски и средни географски широчини. Колку повисоко е Месечината на небото во мигот на ударот, толку е поголема можноста да се види судирот, што значи дека астрономите во делови од Северна Америка подалеку од Западниот брег најверојатно ќе имаат шанса да посведочат за глетката.
Фото: Јутјуб




