Ракомет од некоја друга планета. А во такво финале на ЕУРО 2024, Франција успеа да ја победи Данска со 33:31, во битка до истребување, во битка за паметење, во финале кое се играше и продолженија.

Историски меч кој долго ќе се раскажува и прераскажува.

Сепак на крајот мораше да има само еден победник, а тоа вечерва во големото супер-финале меѓу гигантите, тоа беше селекцијата на Франција.

Во првото полувреме интересно до крајни граници, фантастичен беше Емил Нилсен на голот на Данска, но сепак на пауза се замина со тие 14:14. Имаше од се по нешто, но секако врвен ракомет на задоволство на сите во “Ланксес Арената“ во Келн и милионските ракометни фанови покрај ТВ екраните.

Второто полувреме Данска подобро го отвори, имаше +3 гола, Франција постојано го напаѓаше водство и дојде до тоа дури во 55.минута за 25:24 во своја корист.

Сепак Данска врати за 26:25, за 27:26. Дика Мем без гол, а Гидсел со 7 од 7. Во последната минута Данците влегоа со водство од еден разлика. Но сепак Франција израмни на 27:27 и мораше да се оди во продолженија.

А таму повторно драма во “Ланксес Арената“, но малку голови, 2:2 за Данска или севкупно 29:29.

Неверојатно финале. По првото полувреме 14:14, во регуларниот дел 27:27 и еве сега 29:29. Така е кога играат ракометни велемајстори.

Дика Мем блеска со два гола, токму кога е најпотребно за 31:29 за Франција. На крајот 33:31 за Франција, која сега не само што е олимписки туку и европски првак.