Албанија нема да го искористи правото на вето против Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, дури и ако претходно стане членка на Унијата, порача албанскиот премиер Еди Рама за време на младинскиот камп „RinCamp 2026“ во Јал, одговарајќи на прашање на студент од Скопје, пренесе Експрес.

– Албанија нема да му наметне вето никому и никаде. Имаме целосен интерес работите во С. Македонија да се развиваат што е можно подобро. Исто така, ни е важно односите меѓу Македонците и Албанците да бидат братски и да се темелат на хармоничен соживот, истакна Рама.

Тој оцени дека демократскиот развој не е линеарен процес, туку пат исполнет со предизвици, подеми и падови, додавајќи дека Албанија го посакува најдоброто за Македонија и нејзината европска перспектива.

Рама повторно ја критикуваше практиката на користење вето во евроинтегративниот процес, нарекувајќи ја „заложнички механизам“ кој е неконструктивен и спротивен на духот на европското обединување.

Тој се осврна и на потребата од поинаков пристап на Европската Унија кон земјите кандидати, посочувајќи дека Планот за раст на ЕУ веќе отвора простор за порано вклучување на кандидатите во европските процеси на одлучување.

– Политички, Европа треба да се обедини сега, а потоа секоја земја да ја исполни својата должност, рече албанскиот премиер.

Рама оцени дека Албанците во регионот денес се наоѓаат во најповолна позиција во својата понова историја и повика тој напредок да се зачува и понатаму.