Со повик за масовна поддршка и убеденост во победа на неделните парламентарни избори, со синоќешните масовни митинзи во Тирана, партиите ја заокружија едномесечната интензивна изборна кампања.

Владејачката Социјалистичка партија на Еди Рама, која  во изборна коалиција е единствено со Македонска алијанса за европска интеграција(МАЕИ), цели кон четврт последователен мандат.

Покрај другите говорници, на завршниот митинг,  лидерот на социјалистите Еди Рама ги повика Албанците на „11 мај да гласаат за Албанија во ЕУ до 2030 година”.

-Драга Тирана, света Албанија, Албанки и Албанци, без разлика на вера, регион, идеја, каде и да сте во Албанија, Европа и каде било во светот, социјалисти и прогресивни браќа и сестри на Албанија. Од се срце сум благодарен за вашето присуство, а целиот тим на нашата Тирана се врати овде не само на завршниот митинг на уште една изборна битка, туку на кулминацијата на уште едно 4-годишно патување во искачувањето на врвот каде Албанија ќе биде во обединета Европа. Не случајно сме овде на 9 мај, на Денот на Европа, да го кажеме последниот збор на ова патување и потоа заедно со најголемото мнозинство Албанци да одиме пред гласачките кутии и таму меѓусебно да го потпишеме нашиот голем договор за европска Албанија, за Албанија во ЕУ, рече меѓу другото Рама.

За разлика од социјалистите,  изборната опозициска коалиција „Алијанса за величествена Албанија” предводена од Демократската партија на Сали Бериша, ја сочинуваат 25 политички партии, меѓу нив и Партијата на слободата на поранешниот шеф на државата Илир Мета.

Бериша на синоќешниот завршен  митинг, освен познатите обвинувања и навреди на адреса на Рама, меѓу многуте ветувања беше и она дека „ќе ги укине сите закони на Рама”.

-Гласајте на 11 мај за вашата благосостојба, бидејќи нашата програма во првите 100 дена предвидува многу поволности за сите сектори. Дојдете заедно и гласајте за промена, тоа е глас за вашиот успех. Имам порака до поранешните сопственици и политички прогонетите, барам прошка за грешките што оваа партија ги направи во непочитувањето на одредени закони. Ви давам чесен збор дека Сали Бериша обврската што албанското општество ја има кон нив ја смета за долг на честа, кој ќе биде вратен во еден мандат. Ќе ги укинеме сите актуелни закони на Еди Рама кои го ограбуваат целиот имот како во 1946 година, рече Бериша.

Тој, меѓу другото, ги поздрави американскиот претседател Доналд Трамп и германски канцелар, Фридрих Мерц,  најавувајќи дека  ќе воспостави поблиски односи со нив.

Утрешните парламентарни избори се 11. по ред по падот на комунизмот. На нив за првпат право да гласа има и албанската дијаспора.

Новите 140 пратеници, колку што брои законодавниот дом, по првпат се избираат по принцип на затворени листи( 96 загарантирани места, по 48 на СП и ДП со коалицијата) и 44 на отворени листи, за кои во трка се над две илјади кандидати во 12 изборни единици.

Фото: принтскрин