Немам ниту една клетка грчка крв, јас сум православен Албанец, онака како што има и православни Грци, изјави во интервју албанскиот премиер Еди Рама.
Тој ги демантира грчките медиуми кои нагласуваат дека во него тече грчка крв.
– Првославните Албанци се Албанци како што и православните Грци се Грци, нагласи Рама.
Коментирајки ги најавите на новата влада на Грција околу одредени услови што Тирана треба да ги реализира за да добие датум на преговори во октомври, особено околу правата на грчкото малцинство во Албанија, Рама истакнува дека Албанија имала секогаш добри односи со Грција и ако имало одредени недоразбирања тие сега се минато.
– Со новата влада во Атина очекуваме продолжување на дијалогот за прашања кои се однесуваат на почитување, разбирање и пријателство, што значи и поставување на прави точки поврзани со правата на грчкото малцинство во Албанија. Што се однесува до преговорите, одлуката за почетокот на давање на датум за проговори нема врска со Албанија, туку со внатрешните динамики на ЕУ, станува збор за политика и нема врска со објективната техничка оценка. Во октомври може се да се случи, не исклучувам ниту една верзија, вели Рама во интервјуто.