Албанскиот премиер Еди Рама на изборен митинг во Пустец го пофали Стево Пендаровски и рече дека „неговиот добар пријател, претседателот на С. Македонија“ е целосна спротивност на албанскиот претседател Илир Мета.
-Мојот добар пријател, претседателот на С. Македонја, Пендаровски, е дел од напорите на народот, државата, владата за да ги убедат земјите членки, Советот на Европа дека треба да се отворат преговорите. Тој е претседател со кој треба да се гордееш. Претседателот на Албанија е дел од напорите за спротивното. Тој е дел од напорите до крај да се создаде сомневање дека Албанија не заслужува отворање преговори. Со неговото однесување, неговиот пристап, бруталноста и неодговорноста со кои тој го толкува Уставот и скандалозната интервенција во изборниот процес тој е во целосна функција на план смислен на опозицијата. Тој е претседателот кој не тера да се чувствуваме засрамено, рече Рама.
Се задржа и на неговата вчерашна реакција во врска со изјавата на Пендаровски и кажа дека размениле мислења и оти се „разјасниле во врска со изјавата“.
-Албанија е во еден историски миг, исто како и С. Македонија, двете земји очекуваме да почнеме преговори, но, за жал, за разлика од С. Македонија, Албанија е во внатрешни напори за спасување од стапицата што е поставена од луѓе кои имаат за цел да ги попречат и да ги отфрлат преговорите за членство во ЕУ. Ова е несреќа, истакна Рама.
Претставувајќи го кандидатот на Социјалистичката партија, Пали Колевски, за градоначалник на Пустец, тој ги пофали Македонците дека се чесни граѓани кои ја почитуваат државата и законот.
-Кандидатот Колевски е од вашата заедница. Тој е најдоброто решение. Кога станува збор за малцинствата, не станува збор за број. С. Македонија е близок пријател на Албанија. Нашите две земји меѓусебно се почитуваат, порача Рама повикувајќи ги жителите на Пустец масовно да излезат на изборите на 30 јуни и да гласаат за Колевски.
Колевски, родум е од Пустец, со семејството живее во Корча и е вработен во Царинската управа на Албанија.
Негов против кандидат е актуелниот градоначалник Едмонд Темелко од единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, кој ќе се обиде по четврти пат да ја добие довербата на жителите од оваа општина.
Општина Пустец ја сочинуваат девет села населени со Македонци.