Доколку Албанија постигне договор со Грција за морската граница меѓу двете земји, тој ќе биде ратификуван во Парламентот во Тирана, без да се чека Уставниот суд да стане функционален, изјави денеска албанскиот премиер Еди Рама.
Како што јави дописникот на МИА, ваквиот став на Рама, изнесен при гостување на тиранската телевизија „Визион плус“, претставува реакција на изјавата на албанскиот претседател Илир Мета дадена за Гласот на Америка, дека е многу значајно ваковиот евентуален договор да биде ратификуван од Парламентот во момент кога Албанија ќе има функционален Уставен суд.
– Во спротивно тоа нема да послужи за конечно заокружување на ова прашање во интерес на двете земји, изјави Мета.
Меѓутоа, според Рама, тоа е „гледање на работите од страна на претседателот“.
– Околу ова прашање Парламентот има легитимитет. Доколку се постигне договор секако дека ние ќе го усвоиме во Парламентот. Уставниот суд денес не може да суди, но тој е отворен и кој смета дека доковорот е неуставен може да поднесе до Судот барање за оценка на уставноста и кога Судот ќе стане функционален, ќе може да го разгледа, изјави Рама.
Сепак, врз основа на посебниот Закон усвоен во 2016 година, за усвојување на ваков меѓународен договор не може да одлучува само владејачкото мнозинство.
Според Закон, меѓународни договори во името на Албанија може да ги потпишат шефот на државата, премиерот, членовите на владата или кој било висок функџционер, но „со дозвола на претседателот на Републиката“.
Тоа значи дека улогата на шефот на државата е одлучувачка, па изјавата на Мета, според аналиитчарите, не може да се оцени само како „негово гледање на работите“, како што вели Рама, туку како позиција со која јасно става до знаење дека е цврсто одлучен целосно да ја почитува улогата и надлежностите кои му следуваат со Уставот и законот околу ова прашање.
Шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати вчера изјави дека преговорите меѓу албанската и грчката страна не се завршени.
– Во моментот кога тие ќе се финализираат ние ќе се сметаме себе си како една екипа вклучувајќи го и претседателот на државата, ијзави Бушати, додавајќи дека кога договорот ќе биде постигнат, ќе му биде врачен на шефот на државата.
Уставниот суд на Албанија не функционира подолг период, бидејќи тројца од деветмината уставни судии не ја минаа проверката за потеклото на имотот и поврзаноста со криминалот.
Моментно не се знае кога ќе бидат пополнети изпразнетите места во Судот, бидејќи не е комплетен ниту Советот за именување судии.
Претходниот, договор за границата од 2009 година, што го потпишаа тогашните шефови на дипломатиите на двете земји Љуљзим Баша и Дора Бакојани, во присуство на премиерите Сали Бериша и Костас Караманлис, беше укинат од страна на Уставниот суд на Албанија во 2010 година, бидејќи беше утврдено дека „ги прекршува уставите и меѓународните конвенции“.
Експертите од оваа област тврдеа дека „Бериша на Грција и подарил” над 200 квадратни километри албанска морска територија, каде се смета дека има големи наоѓалишта на нафта и гас.