Премиерот на Албанија, Еди Рама изјави дека протестите против изградба на луксузен ресорт во Звернец ја изгубиле  вистинска причина, а остануваат само некои странците кои не ја сакаат Албанија во „Лигата на шампионите“ во туризмот.

Со посебна прегратка за оние од мојот народ, кои сè уште се заложници на протест, кој ја изгубил секоја вистинска причина, и каде што единствените причини што остануваат се оние на странците кои не ја сакаат Албанија во Лигата на шампионите во туризмот и ги полнат мрежите со токсичниот воздух на хибридна војна, благодарение и на наивноста на моите гласачи во таа толпа оркестрирана од странство, за жал, објави Рама  на Фејсбук.

Тој во изјава за медиумите, по седница на владата, ги уверува граѓаните дека „Албанија ќе биде изградена според договорот што го потпишавме четвртипат, минатиот мај, со над 800.000 Албанци, во и надвор од Албанија, алудирајќи на победата на парламентарните избори.

Тој повтори  дека нема намера да поднесе оставка и покрај повиците на демонстрантите за време на протестите одржани во последните денови.

– Имам одговор за нив. Треба да се повикаат на долгата архива на овој стар филм, бидејќи тука повеќе нема ништо ново. Не побарав да разговарам со ниту еден од оние кои, за мене, се излажани. Побарав да разговарам со оние кои гласаа за мене, од кои некои дури и ми пишуваа, посочи Рама.

Тој го повтори и ставот дека го оценува како позитивно започнувањето на истрагите од страна на Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК) за потеклото на имотот, што, според него, ќе стави крај на шпекулациите и обвинувањата.

– Прашањето за потеклото на имотот ќе биде опфатено со независна истрага преку СПАК. Резултатот ќе биде неоспорен од правна гледна точка, од гледна точка на побарувањата, ќе стави крај на какви било шпекулации. Доколку продавачот има легитимно потекло на имотот, тој ќе ги добие парите, во спротивно тие ќе останат за Република Албанија и ќе се користат за секој што тврди дека побарувањето за имотот е оправдано, рече Рама.

Во меѓувреме во Тирана продолжуваат протестите, пред заградата на МВР и пред владата а синоќа и пред седиштето на Социјалистичката партија.

Фото: Фејсбук Рама/скриншот