Ситуацијата е лоша, од утрово повторно преземавме струја, но помалку од претходно затоа што и времето ни оди во прилог, изјави утрово за Фактор, првиот човек на МЕПСО Куштрим Рамадани.
Претходно ЕСМ соопшти дека поради дефект во Блок 1 во РЕК Битола, целиот блок е исклучен во 3 часот изутринава. Со ова практично, домашното производство е сведено на нула, а струја на располагање има од увозот кој го направи ЕСМ и сосем минимално од хидроцентралите.
– Преземавме утрово струја од европската мрежа, но не многу околу 30 до 40 мегаватчасови струја. Сепак исклучувањето на блокот во РЕК Битола не ни оди во прилог, не се знае што ќе правиме со јагленот и дали освен за РЕК Битола ќе може да се стави во функција и ТЕЦ Осломеј. Секако ситуацијата со нула домашно производство не е во добра и не ни оди во прилог, вели Рамадани за Фактор.
Тој рече дека во моментов на компанијата и требаат околу 30 милиони евра. Деновиве ќе стасаат за наплата фактурите од преземањата на струја кои МЕПСО ги правеше во претходниот период. Можноста да се префрлаат пари од буџетот ќе се отвори со прогласување на кризната состојба која е планирана за утрешната владина седница.
Од Министерството за економија за Фактор велат дека стартувањето на ТЕЦ Неготино ќе зависи од тоа дали Владата ќе прогласи енергетска кризна состојба на следната седница, а за тоа колку мазут има за централата упатуваат за одговор во ТЕЦ Неготино.