Палестинските власти денеска побараа од Обединетите нации да распоредат постојани меѓународни сили на Западниот Брег и во Источен Ерусалим.

Барањето беше поттикнато од најавата дека Израел ја прекинува мисијата на меѓународните набљудувачи во градот Хеброн, Западен Брег, која постоеше повеќе од 20 години.

Палестинскиот претставник Саеб Ерекат оцени дека ОН треба да ја гарантираат безбедноста и заштитата на палестинскиот народ „до завршување на израелската воена окупација“.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека нема да го продолжи мандатот на Привременото меѓународно присуство во Хеброн и порача дека нема да дозволи да продолжат со работа „меѓународните сили кои дејствуваат против Израел“.

Меѓународните набљудувачи се распоредени од 1997 година, а доаѓаат од Норвешка, Италија, Шведска, Швајцарија и Турција.

Нивната задача е да известуваат за кршење на хуманитарните и човековите права.

Во Хеброн живеат неколку стотици еврејски доселеници, како и повеќе од 200.000 Палестинци.