Највисокиот суд во Пакистан ја потврди ослободителната пресуда за Асја Биби, христијанката која беше осудена на смрт поради богохулење, и таа може да ја напушти земјата.

Тричлен судски совет на пакистанскиот Врховен суд соопшти дека аргументите на адвокатите во име на подносителите на тужбата не ги задоволиле судиите.

Пакистанскиот Врховен суд на 31 октомври минатата година ја ослободи Асја Биби, која од 2010 година чекаше смртна казна, што предизвика масовни протести во земјата. Таа до сега беше на тајна локација поради закани од радикални исламисти, а сега ќе биде слободна да го напушти Пакистан. Повеќе земји веќе се понудија да и дадат азил.

Биби по ослободителната пресуда не можеше да го напушти Пакистан затоа што беше поднесена петиција за ревидирање на судската одлука, која ја организира адвокат радикален исламист. Таа жалба денеска е отфрлена.

Асја Биби, неписмена мајка на пет деца, беше во затвор осум години откако беше осудена на смрт поради навреда на исламскиот пророк. Пакистанскиот Врховен суд неодамна ја ослободи Асиа што предизвика големи протести што ги организираа тврдокорни исламистички групи кои бараат таа јавно да биде обесена.

Биби, 51-годишна жена земјоделец, беше обвинета за богохулење по несогласување со нејзини колеги муслимански работници околу вода за пиење. Биби наводно го навредила пророкот Мухамед откако нејзините колеги, со кои берела бобинки, одбиле да пијат од водата што таа ја носела,  тврдејќи дека е валкана затоа што е христијанка. Тие потоа ја обвинија дека го навредила пророкот Мухамед, обвинение кое таа го негираше. Но, сепак, во 2010 година  Биби беше обвинета и осудена на смрт.