Предлозите на Скопје за постигнување договор и за тргање на бугарското вето за старт на преговорите со ЕУ се неприфатливи за Софија. Бугарската страна вели дека не добила официјален документ и смета дека дијалогот за отворените политички прашања треба да продолжи, а штом ќе има напредок најавува свој контрапредлог. Евентуалниот договор, политиката кон Македонија, дали постои или не документ за кој се преговара, предизвикаа несогласување и во бугарската владина коалиција.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи во четвртокот информира дека има документ како основа за договор со Бугарија прифатлив за македонската страна, но се уште нема одговор дали тој е прифатлив и за Софија, посочувајќи дека кога ќе има согласност по однос на кој било документ како основа за договор со Бугарија, пред да се стави потпис ќе ја информира јавноста и пратениците.
– Да, има еден таков документ што ние сме спремни да го прифатиме, меѓутоа се додека не добиеме одговор дека е прифатлив и за Бугарија сметам дека не се созреани тие предуслови за да можам јас да ги информирам пратениците и јавноста, бидејќи тој може да биде одбиен и тогаш сето тоа би било непотребно, истакна завчера Османи по средбата со шефот на романската дипломатија Богдан Ауреску, кој беше во работна посета на земјава.
Бугарското МНР, пак, вчера порача дека предлозите од македонска страна се неприфатливи и најави свој предлог.
-За време на состанок во февруари, Бугарија ја информираше РС Македонија дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат. Постои активен дијалог меѓу министерствата за надворешни работи на Бугарија и РС Македонија со цел да се изнајдат решенија за отворените политички прашања. Кога ќе има изгледи за суштински напредок, бугарската страна ќе испрати свој контрапредлог со цел приближување на ставовите, стои во соопштението од МНР на Бугарија.
Шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска вчера изјави дека до бугарското Министерство за надворешни работи не е пристигнат никаков официјален документ од Скопје.
– Билатералните разговори се одржаа на 10 февруари и се работеше на предлог-протокол, но за жал, резултатите беа незадоволителни, изјави Генчовска по седницата на бугарското Народно собрание затворена за јавноста, на која таа говореше за позицијата на Бугарија во однос на земјава.
Генчовска оцени дека е тешко да се каже оти има некаков напредок во односите меѓу Бугарија и Македонија.
– Од јануари потрошивме време за да се завршат многу работи, а најважно е отворањето на Уставот на С. Македонија и вклучување на тамошните Бугари во Преамбулата, додаде шефицата на бугарската дипломатија.
Според Генчовска, реално е да се очекува дека до крајот на француското претседавање со ЕУ, Скопје „нема да има време да го отвори и заврши овој процес“.
За тврдењата дека има разногласија во Софија во врска со Македонија, Генчовска призна дека има разидувања меѓу МНР и надворешнополитичкиот тим на премиерот Кирил Петков.
– Постојат сериозни разлики во однос на националната позиција до која Министерството за надворешни работи строго се придржува, рече шефицата на бугарската дипломатија.
Премиерот Петков, пак, не ги коментираше забелешките на Генчевска. Вели дека „има само една политика, а тоа е политиката на Бугарија, и таа треба да помине преку институцијата Парламент“.
– Не само владејачките партии, туку и опозицијата, треба да се обедини. Никој нема да може да протурка ниту една позиција што не поминува низ бугарскиот Парламент. Мора да имаме единство за РС Македонија, рече Петков.
Тој потврди дека нема никаков документ што е потпишан од бугарска страна и дека Владата се придржува до коалицискиот договор и постојната рамковна позиција на Бугарија за Република Северна Македонија.
Петков, кој денеска доаѓа во Битола заедно со Генчовска и со потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова, во организација на Бугарската амбасада во земјава, рече дека „неговата посета е за да ја покаже силната задача на бугарската Влада да ја поддржи бугарската заедница во Македонија“.
– Верувам дека во моментов и Владата на Република Северна Македонија е свесна за тоа каков голем приоритет е ова за Бугарија и заеднички работат на подигање на приоритетот на овие луѓе во македонското општество, рече Петков.
Воедно, додава, дека се надева оти Република Македонија треба да биде дел од Европа, „дека и од двете страни ќе се движиме позитивно во таа насока“.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, вчера во Сараево порача дека ЕУ треба да ја врати европската перспектива на Западниот Балкан и да преземе стратешко лидерство кон регионот, исто како што тоа го направи во 2000 година со земјите на Источна и Централна Европа, бидејќи руската агресија, вели, покажа на најдобар начин која беше важноста на таа интеграција тогаш за денеска Европа да биде единствена и безбедна.
Во однос на очекувањата од француското претседателство со ЕУ, тој посочи дека е во комуникација со неговиот колега Жан-Ив Ле Дријан, посебно заради нашето досие за односите со Бугарија и очекува позитивен сигнал од Париз кон регионот.
– Очекувам француското претседателство да преземе одговорност во овој период, но се разбира тоа не зависи само од Франција, затоа што одлуките во Европскиот совет се носат едногласно и доволна е само една земја да го попречи процесот. Ако прашањето е кон Франција, јас сум повеќе од позитивен дека имаат силни намери во овој дел, оценува Османи посочувајќи дека ние сме во интензивна фаза во разговори за надминување на разликите со нашиот сосед Бугарија со цел подигнување на рампата за отворање на преговорите.