Индустриското производство во јуни 2026 година е зголемено за 6,5% во однос на јуни 2025 година, објави Државниот завод за статистика.

Растот, според податоците, го обезбедила преработувачката индустрија која за една година обезбедила раст од 7,9%.

Спротивно, производство во секторот „рударство и вадење камен“ во јуни на годишно ниво бележи опаѓање од 3,8%, додека, пак, секторот „снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“ опаѓање од 8,2%.

Најголемо влијание врз порастот на индустриското производство во јуни 2026 година, во однос на јуни 2025 година, има зголемувањето на производството во одделите: „производство на други неметални минерални производи“ со раст од 35,6%, „производство на моторни возила, приколки и полуприколки со 15,9% и „производство на електрична опрема“ со раст од 3,8 %

Според главните индустриски групи, производството во јуни 2026 година, во однос на јуни 2025 година, бележи пораст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 11,7%, Капитални производи за 8,6%, Трајни производи за широка потрошувачка за 8,6% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 2,0%, додека опаѓање бележи кај Енергија за 11,1%.

Индексот на индустриското производство во периодот јануари – јуни 2026 година, во однос на периодот јануари – јуни 2025 година, изнесува 100.9.