Се обврзуваме дека по завршувањето на кризата ќе обезбедиме раст на минималната плата до 40 проценти, односно минимална плата од 20.000 денари и раст на просечната плата до 30 проценти, односно просечна плата до 34.000 денари, до крајот на мандатот.
Бидејќи висината на пензиите е директно поврзана со растот на платите, а нашата цел е раст на платите во следните четири години, тоа значи и можност за раст на пензиите. Пензиите ќе растат заедно со платите, а најниските пензии ќе пораснат за најмалку 21 процент. Ќе воведеме и минимална пензија, за ниеден пензионер да не зема помала пензија од 10.700 денари.
Ова го соопшти потпретседателот на СДСМ и носител на листа во ИЕ 2, Оливер Спасовски, на средбата со пензионери во населбата Автокоманда, во скопската Општина Гази Баба.
– Во услови на здравствено-економска криза, редовно, дури и порано од предвидените рокови се исплаќаат пензиите. Нашиот концепт е сигурност: сигурност на пензиите, сигурност на платите, нови работни места, повеќе инвестиции, повисоки плати. Ние како што знаете, ги зголемивме пензиите. Сите пензионери, од јануари земаат повисока пензија за 722 денара, 324.000 пензионери. Ова е најголемо покачување на пензиите во последните 12 години. Просечната пензија со новото покачување изнесува 15.500 денари, рече Спасовски.
Тоа, како што рече, го овозможивме со тоа што го стабилизиравме Пензискиот фонд којшто беше во долгови.
– На овој начин обезбедивме сигурни пензии за сегашните пензионери и за идните пензионери. Реформата во пензискиот систем се спроведува врз основа на темелни анализи и системски пристап кон зголемувањето на пензиите, темелен на реален раст на економијата, а не на политички, моментални решенија. Дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување e намален за 3.7 милијарди денари, без радикални мерки како замрзнување на пензии или зголемување на старосната граница за пензионирање, рече синоќа Спасовски на средбата со пензионери во Автокоманда. Најави дека продолжуваат да инвестираат во луѓето и во институциите и во следниот четиригодишен мандат.