Четвртиот бран на пандемијата зема се поголем замав. Почина 21-годишно момче во Тетово кое немало хронични заболувања. Од Министерството за здравство апелираат младите да се вакцинираат за да не развиваат тешки форми на болеста, а од Лекарската комора, поради немање национални протоколи, побараа од надлежните институции и лекарските здруженија да споделуваат стручни совети за сите отворени прашања и дилеми за да може граѓаните да изградат став врз основа на точни факти, а не на дезинформации. 

Според последната ковид статистика на Министерството за здравство, во земјава се регистрирани nови 1.166 случаи од направени 6.458 тестирања. Починати се 29 лица, од кои најмладиот на 37-годишна возраст. Бројот на активни случаи достигна 12.673.

Тетовскиот Ковид центар вчера соопшти дека починало 21-годишно момче кое било третирано со антивирална терапија по најновите протоколи за лекување, но оти неговиот организам бил отпорен на терапијата.

– По официјални анамнестички податоци што ги имаме, се работи за лице без никакви коморбидетети. Неофицијално, по претпоставка се сомневаат за некаков синдром, според искуството на лекарите, изјави вчера коодинаторот на Ковид центарот д-р Гзим Нуредини.

Според Министерството за здравство, се повеќе млади се на удар на четвртиот бран на пандемијата и развиваат тешка клиничка слика. Апелираат младите да се вакцинираат.

– Потпирајќи се на природниот имунитет и добрата здравствена состојба, младите лица ја одбиваат или пролонгираат имунизацијата, со што се изложуваат на значително висок ризик од инфекција, а во случај на заразување сè почесто развиваат и тешки симптоми и компликации, бидејќи не се соодветно заштитени, нагласуваат од Министерството за здравство, додавајќи дека ниската стапка на вакцинација во рамки на младите е причина за сè поголем број на заразени да бидат токму младите, кои доколку не се имунизирани, можат да развијат тешка форма на болеста, која може да доведе до хоспитализација, а некогаш и до смртен исход.

И од Лекарската комора вчера порачаа дека вакцината е најефикасното решение за заштита од вирусот која значително ги намалува шансите за компликации од болеста.

– Научните докази ги потврдуваат овие сознанија, затоа не треба да постои дилема, туку секој кој нема апсолутни контраиндикации верификувани од стручно лице поврзани со вакцината треба да се имунизира што поскоро, бидејќи така ќе се заштити себеси и своите блиски. Секако ја потенцираме и неопходноста од почитување на мерките за заштита, како носење заштитна маска, обезбедување на социјална дистанца и избегнување на собири во затворен простор каде постои близок контакт, наведоа од Лекарската комора.

Непостоењето на стручни совети за сите отворени прашања и дилеми, според Лекарската комора, создава простор за слободни толкувања од нерелевантни извори кои нанесуваат огромна штета на процесот на вакцинација, а со тоа и на напорите да се стави под контрола епидемијата.

– Здравствените работници треба да споделуваат ставови кои се базираат на научно докажани факти и да се воздржуваат од промоција и споделување на шпекулации и непроверени сознанија. Секогаш, а особено во услови на пандемија е важно здравствените професионалци во своите активности да се водат од Етичкиот кодекс, Законот за здравствена заштита и медицината базирана на докази, дистанцирајќи се било какво политичко или некој вид на друго влијание, апелираа од Лекарската комора.

На помалку од една недела до почетокот на учебната година, Владата потврди дека новата учебна година ќе почне со физичко присуство на учениците. Министерката за образование и наука Мила Царовска вчера по координативниот останок со директорите на основните училишта изјави дека училиштата се подготвени за почетокот на учебната година од 1 септември според потребните здравствени протоколи.

Во земјава актуелни се мерки согласно кои во угостителски објекти и во шопинг молови може да влезат само вакцинирани граѓани со најмалку една доза и оние кои имаат потврда за прележан Ковид не подолг од 45 дена од оздравувањето. Дозволена е и работа на угостителските објекти, обложуваници, организирање концерти, семинари и работилници на затворено со 30 проценти исполнетост на капацитетот на просторот со почитување на антиковид-протоколите и поседување сертификат за најмалку прва доза примена вакцина или сертификат за прележаност на коронавирусот, но не постар од 45 дена од денот на оздравувањето.

Останува забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти во затворените делови на угостителските објекти и во објекти од затворен тип.

Од 1 септември за влез во земјава ќе се бара и сертификат за примени две дози вакцини или сертификат за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, или негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа.  Македонските граѓани кои ќе немаат ниту една од трите потврди, ќе поминат седумдневен карантин.