Трилатералните разговори во Абу Даби го отворија патот за состанок меѓу рускиот и украинскиот претседател, Владимир Путин и Володимир Зеленски, во многу блиска иднина, објавува американскиот портал Аксиос, повикувајќи се на изјава од американски функционер.
„Средбата во Абу Даби беше клучен чекор кон преминување во следната фаза од преговорите. Многу сме блиску до состанок меѓу Путин и Зеленски“, рече функционерот.
Тој додаде дека доколку се постигне поголем напредок за време на следниот трилатерален состанок во Абу Даби, тоа би можело да доведе до состанок на страните во Москва или Киев, нешто што не се случило со години.
„Сметаме дека тие состаноци мора да се одржат пред состанокот меѓу лидерите. Не мислиме дека сме далеку од тоа. Ако продолжиме по сегашниот пат, ќе стигнеме до таа точка“, рече неименуван функционер запознаен со преговорите.
Тој изјави дека следната рунда се очекува да се одржи во недела, 1 февруари.
Трилатералните разговори меѓу САД, Русија и Украина во Абу Даби беа „продуктивни“ и беше постигнат напредок, објавија американските претставници.
Претставниците на американскиот претседател Доналд Трамп беа многу оптимистични по разговорите, верувајќи дека успеале да постигнат напредок во намалувањето на несогласувањата во врска со клучното прашање – територијалната контрола во источна Украина, според „Аксиос“.
Според двајца американски претставници, на Русија и Украина им беа потребни неколку месеци да се согласат на трилатерални разговори со посредство на САД.
Разговорите беа договорени по средбата меѓу Трамп и Зеленски во Давос во четвртокот, како и по четиричасовната средба меѓу претставниците на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, со Путин во Москва истата вечер.
„И Путин и Зеленски се согласија да ги испратат своите преговарачи. Ова покажува дека тие веруваат дека може да се постигне напредок“, рече еден од американските претставници.
Средбите започнаа во петокот и продолжија вчера, со средба на американските медијатори со руските и украинските преговарачи, а потоа руските и украинските претставници разговараа директно, без присуство на Американци, соопштија украинските претставници.
Во американската делегација беа пратениците на Трамп, Виткоф, Кушнер и Џош Груенбаум, секретарот на армијата, Ден Дрискол, и врховниот командант на НАТО за Европа, Алексус Гринкевич.
Украинската делегација ја предводеше шефот на кабинетот на украинскиот претседател Кирило Буданов, советникот за национална безбедност Рустем Умеров, началникот на украинскиот Генералштаб, Андриј Гнатов, и советниците на Зеленски, Сергеј Кислица и Давид Арахамија. Руската делегација ја предводеше адмиралот Игор Костјуков, шеф на руската воена разузнавачка служба.
За време на дводневните разговори беа разгледани сите прашања, вклучувајќи ги територијалните претензии на Русија во Донбас, спорот за нуклеарната централа Запорожје и какви чекори за деескалација треба да преземат двете страни за да се стави крај на војната и да се обезбедат трајни мирни решенија.
„Разговаравме за сè. Никој не беше незадоволен од дискусиите од двете страни. Не изоставивме ниту едно прашање и немаше потреба никого да притискаме. Имаше многу почит во просторијата бидејќи сите бараа решенија“, рече еден американски функционер.
На крајот од вториот ден од преговорите, сите три страни седнаа заедно на заеднички ручек.
„Имаше моменти кога сите изгледаа речиси како пријатели. Имав чувство на надеж“, рече американскиот функционер.
По преговорите, Зеленски изјави дека разговорите „биле конструктивни“ и додаде дека фокусот на дискусијата бил на „можните параметри за завршување на војната“.
Тој изрази благодарност за фактот што САД спроведуваат „мониторинг и следење на процесот на завршување на војната и обезбедување вистинска безбедност“.
Украинските власти објавија дека следната рунда преговори се очекува во Абу Даби следната недела. Американските власти изјавија дека следната рунда би можела да се одржи и во недела, на 1 февруари.




