Чешките разузнавачки служби предупредија дека крајот на војната во Украина, кој го најавува новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, би можел да предизвика многу ризична миграција, бидејќи украински воени ветерани, како и криминалци и шверцери на оружје, би тргнале кон Запад за да се придружат на своите семејства.

Шефот на Чешката безбедносно-информативна служба, генерал Михаел Куделка, ги предупреди чешките пратеници на затворена седница дека земјата мора да биде подготвена за нов бран многу ризична миграција, кога десетици илјади украински војници ќе сакаат да се приклучат на семејствата што побегнале на Запад за време на војната.

– Мораме уште сега да се подготвиме за завршувањето на борбите во Украина. Постои сериозен ризик поврзан со шверц на оружје и пристигнување на голем број ветерани врз кои воените страдања оставиле траги и кои страдаат од посттрауматски синдром. Ако не успееме да се справиме со тоа, ќе се појават сериозни безбедносни проблеми, изјави за чешкиот весник „Млада фронта Днес“ портпаролот на Безбедносно-информативната служба, Ладислав Штиха.

Поранешниот шеф на единицата на чешката полиција за борба против организираниот криминал, а сега сенатор од редовите на радикалните националисти, Роберт Шлајта, предупредил дека Чешка веќе има искуство со таков тип миграција за време и по војните во поранешна Југославија.

– Тогаш започнаа да пристигнуваат ветерани што се бореле, за да се спојат со своите семејства. Тоа беше новост за криминалното подземје. Стануваше збор за поинаков тип на ‘остри момци’. Кога некој поминува низ војна, криминалот едноставно му станува поблизок, изјави сенаторот Шлајта.

Членовите на Комитетот за безбедност, по информациите за новите ризици по завршувањето на војната во Украина, за кои ги информирал генералот Куделка, бараат да се подготви навремено решение на ниво на Европската Унија.

– Треба да подготвиме европско решение за тие луѓе да немаат причина да доаѓаат кај нас. Не знаеме каква ќе биде нивната здравствена и психичка состојба, изјави пратеникот од најголемата опозициска партија АНО, Роберт Краличек.

Пратениците и безбедносните служби како главно решение го гледаат враќањето на жените и децата, кои претставуваат огромно мнозинство од 380.000 украински бегалци во Чешка, во нивната татковина по завршувањето на борбите, со што би се спречило доаѓање на мажите во ЕУ.

– САД и ЕУ би требало своите напори да ги насочат кон обновување на Украина за Украинците да немаат повеќе причина да ја напуштаат својата земја, изјавил Краличек.

Експертите сметаат дека би помогнало и тоа ако Чешка и ЕУ финансираат во самата Украина центри за здравствена, психолошка и социјална помош за воените ветерани.

фото: архива