Јужноамериканските земји Чиле и Колумбија ги повлекоа своите амбасадори од Израел поради „израелскиот масакр врз палестинските цивили“, а Бразил ги повика Израелците итно да престанат да убиваат деца.
Чилеанскиот претседател Габриел Бориќ, со хрватско потекло, го повлече амбасадорот од Тел Авив затоа што Израел „колективно ги казнува палестинските цивили во Газа“, објави тој преку социјалната мрежа Икс.
– Амбасадорот беше отповикан со цел да се разговара за неприфатливото кршење на меѓународното хуманитарно право, изјави Бориќ.
Израелските војници за три недели убиле 8.525 луѓе, од кои 3.542 деца, соопшти палестинското Министерство за здравство.
– Чиле силно ги осудува (израелските) воени операции, за кои сме загрижени, бидејќи тие колективно ги казнуваат палестинските цивили во Газа без фундаментално почитување на меѓународното право. Тоа го докажуваат над 8.000 убиени цивили, од кои повеќето се жени и деца, посочи Бориќ.
И претседателот на Колумбија, Густаво Петро наведе дека го повлекол амбасадорот поради „израелскиот масакр врз палестинските цивили“.
Петро неодамна изјави дека Израел го прави она што го направија нацистите на Адолф Хитлер.
Израелското Министерство за надворешни работи го обвини за „непријателски и антисемитски изјави“ кои ги охрабруваат „страшните акции на терористите на Хамас“.
Првпат сме сведоци на војна во која повеќето од убиените се деца. Доста е! За волја на Бога, доста е!, напиша претседателот на Бразил, Луиз Инацио Лула да Силва по вчерашниот израелски воздушен напад врз палестински бегалски камп во северниот дел на Појасот Газа при што загина повеќе од 50 луѓе.
Во Шпанија, која следната недела треба да добие нова левичарска коалициска влада, министерката за родова еднаквост Ирене Монтеро го повика премиерот Педро Санчез да воведе економски санкции против Израел и да ги прекине дипломатските односи.
Повлекувањето на чилеанскиот и колумбискиот амбасадор од Израел уследи откако Боливија денеска ги прекина дипломатските односи со Израел, обвинувајќи го за „злосторства против човештвото“.
фото: МИА архива