Конференцијата на приватни високообразовни установи смета дека Уредбата со законска сила на Владата за издавање домашна платежна картичка, како финансиска поддршка за млади лица, ги става во нерамноправна положба студентите од приватните универзитети.
Конференцијата посочува дека во одлуката се опфатени државјани на возраст од 16 до 29 години, кои се ученици во формалното средно образование или се редовни студенти на државните универзитети во Република Македонија.
-Тоа значи дека оваа поддршка не може да ја добијат студентите на приватните високообразовни установи, со што тие се ставаат во нерамноправна положба. Со тоа, се крши уставното право на студентите да ги имаат истите можности за добивање финансиска помош од државниот буџет во услови на вирусна пандемија и загрозена егзистенција на нивните семејства поради економските последици од здравствената криза, едвакво како и студентите од јавните универзитети, се наведува во реакцијата.
Конференцијата на приватни високообразовни установи, која ја дискутирала Уредбата на седница пред два дена, во реакцијата со барање за финансиска поддршка за сите студенти, посочува дека при одредување на правата на граѓаните, Уставот не прави разлика во статусот на студент запишан на државен или на приватен универзитет и дека студентите од приватните универзитети се дискриминирани и им е повредено правото на еднаквост, загарантирано со член 9 од Уставот и Законот за високо образование.
-Оттука, Конференцијата на приватни високообразовни установи, бара во најкус можен рок да се исправи оваа неправда и да им се додели финансиска помош на сите студенти, вклучително и оние од приватните универзитети, се додава во реакцијата.