Скандалозниот пропуст на УЕФА при ждрепката од првата нокаут-рунда во Лигата на шампионите донесе повторување на извлекувањето на двојките. Поради грешката при извлекувањето на топчињата, ждрепката која се одржа во 12 часот, се повтори три часа подоцна.

Најголем губитник дефинитивно е Реал Мадрид, кој на првото влечење ја доби Бенфика, а на повтореното го доби ПСЖ, доволно за во Мадрид да се налутат и да ја обвинат УЕФА дека намерно ги саботира.

„Кралевите“ бараа да се признае првиот дел од ждрепката, меѓу кои и нивното извлекување, бидејќи дотогаш се беше регуларно, но УЕФА одби. Од Европската фудбалска асоцијација за киксот се правдаше со проблем во софтверот, но во Реал тврдат дека станува збор за намерна човечка грешка.

„Лага е дека станува збор за софтверска грешка. Тоа е човечка грешка. Нашата ждрепка со Бенфика беше легална по сите параметри“, изјави за „ЕСПН“ извор од Реал.

„Беше изненадувачки, жално и тешко разбирливо. Со оглед на милионите навивачи кои ја чекаа ждрепката, како и целиот спортски свет“, за „Марка“ додаде легендарниот Емилио Бутрагењо.