Сообраќајната раздвиженост на граничниот премин Богородица од утрово е зголемена како резултат на продолжениот викенд поради прославата на Велигден.
За излез од Македонија не се чека подолго од десетина минути, потврдија за МИА од дежурната гранична служба.
-За разлика од изминативе две пандемски години, во моментот забележлива е зголемена сообраќајна фреквенција од возила и автобуси. Во изминативе 24 часа, во двете насоки, границата ја поминале 7.500 туристи кои, поради вршење на задолжителните полициски и царински формалности, не се задржале повеќе од пет минути, велат од дежурната гранична служба.
Расположливите капацитети на ГП Богородица се ставени во функција, а времето на чекање трае кратко и зависи од моментниот налет на сообраќајните бранови.
Малку подолго трае задржувањето на грчката граница поради дополнителната проверка на ковид сертификатите, ПЦР негативните тестови и брзите антиген тестови чија примена, според најавите од грчка страна, веројатно ќе бидат укинати по 2 мај.