Православните гробишта во Кичево, и старите, но и новите, спроти најголемиот христијански празник Велигден се оставени неисчистени од отпад и зараснати во трева.

Во тоа можевме лично да се увериме и вчера, на Величетврток, а денеска со реакција се јави и советничката група на ВМРО-ДПМНЕ од овој град.

– И покрај сите наши апели и иницијативи во изминатиов период до локалните власти и конкретно до раководство на ЈП Комуналец, за жал и во пресрет на најголемиот христијански празник Велигден сведоци сме на неспособноста и неажурноста на службите за одржување на редот и чистотата конкретно на градските гробишта во Кичево. Почитувани надлежни, зборот срам е премалку за состојбата во која се градските православни гробишта во изминатиов период а посебно во пресрет на најголемиот христијански празник Велигден, а сите знаеме дека граѓаните редовно плаќаат такса за гробните места и за нивното одржување. Само се надеваме дека во никој случај ова што се случува не е намерно и тенденциозно туку е последица на вашето незнаење и неспособност за што кога тогаш ќе одговарате, се вели во реакцијата објавена на Фејсбук.

Како што е познато, по новата територијална поделба на Македонија, во Кичево локалната власт и градоначалник се од редовите на владејачката ДУИ.