Мирен со чиста совест и сигурен дека нема поголема доблест да избереш својата земја да ја водиш на патот на заедништвото, патот на НАТО и ЕУ. Во интерес на својата земја самоволно се засолнив на денот на гласање доверба на владата со цел земјата да не замине по патот на назад, изјави денеска претеникот Кастриот Реџепи.

Реџепи, на прес-конференција со Собранието, им честита на сите граѓани за тоа што, како што рече, земјата уште еднаш го избрала вистинскиот, западниот пат по кој оди.

– Се надевам дека во деновите кои следат разумот ќе надвладее. Верувам дека се можни мостови и јас верувам дека ќе бидам еден од тие мостови. Сега е потребно решавање на проблемите на државата, порача Реџепи.

Нагласувајќи дека е сојузник на своите граѓани, и на Албанците и на Македноците и сите кои гледаат напред, Реџепи, рече дека одлуката ја донел во интерес на евроинтеграциите на земјата и дека совеста му велела дека „некој мора да биде тој што ќе пресече во корист на иднината, и овојпат тоа си ти“.

Реџепи: Јас сум член на БЕСА, а партијата е дел од Владата

Додека не добијам официјална одлука од партијата, врз основа на статутот на партијата, дека сум исклучен, јас сум се уште член, потпретседател на партијата, пратеник и координатор на групата пратеници на Движењето БЕСА во парламентот, изјави денеска пратеникот Кастриот Реџепи, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција со Собранието.

Прашан дали би влегол во коалиција со Зоран Заев, Реџепи рече дека моментов движењето БЕСА е во коалиција со Зоран Заев, со СДСМ, со ДУИ и со ДПА.

– Движењето БЕСА не е излезено од Владата, бидејќи нема одлука. Ниту се влегува во Влада, ниту се излегува со изјава, прес или Фејсбук статус. Јас сум потпретседател на БЕСА и знам кој е органот што одлучува. Исклучување на коалиции врши Централниот одбор, кога ќе реши Централниот одбор дека Движењето БЕСА не е дел од мнозинстото, тогаш и јас како член на БЕСА треба да размислам за да ја почитувам таа одлука. Во моментот, органот што има мандат да решава е Централниот одбор, и движењето БЕСА е во владината коалиција, изјави Реџепи.

Прашан зошто не можел да дојде во Собранието на гласањето на доверба на владата, Реџепи, рече дека првично мислел да присуствува на собраниската седница и да земе збор и да гласа против, но дека се уште не сме скандинавска земја и демократија.

– Но, проценувајќи ја целата состојба, со тоа што се знаеше дека немаше да присуствуваат пратеници од мнозинството ќе бев, единствениот пратеник внатре, кој требаше да гласа против нешто, против една еуфорија, која се одвиваше брзо како на филмска лента, јас не бев сигурен за мојата сигурност, интегритет, па и етика, дека немаше да бидам цел на вербални напади, па и да не зборам на физички, изјави Реџепи.

Во однос на својата безбедност, Реџепи рече, дека во текот на денот додека му биле исклучени телефоните добивал пораки, кои се пријавени во институциите, и по проценка, а не на негово барање добил обезбедување.

– Пораките се пријавени. Не можам да ви кажам име и презиме, бидејќи е процедура и не сакам да наштетам на процесот. Се консултирав како треба да постапам и постапував по нив, зборувам за пораки со закани по живот, да не зборувам за други пораки и притисоци, изјави Реџепи.

Одговарајќи на новинарско прашање, Реџепи рече дека немал средба со холандскиот премиер Марк Руте, за време на неговата посета на нашата земја.