СДСМ, како една од владејачките партии кои пред неколку дена покажаа „конструктивност и без опструкции на дело“ со бегање од седницата на Собранието на Република Македонија, денеска побараа од опозициските партии да бидат конструктивни и да не и прават опструкции на власта во истото Собрание за донесување на буџетот и други законски акти.

СДСМ очекува конструктивност од страна на опозицијата, низ аргументирана дебата, без блокади и опструкции со цел да се донесе Буџетот, рече на денешната прес-конференција пратеничката од оваа партија, Марија Георгиевска, по стартот на расправата за Предлог буџетот за 2022 година  од собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Со одговорно финансирање, истакна Георгиевска, очекуваме 2022-ра да биде година на економско заздравување.

– Фокусиран на интересот на народот, Буџетот за 2022 има четири основни цели: зачувување на здравјето и животите на граѓаните, економско заздравување и забрзан раст, фискална одржливост и непречено финансирање на основните функции на државата и поддршка за реформите во правосудството и евроатлантските интеграции, рече Георгиевска.

Таа нагласи дека покрај Буџетот пред пратениците претстои многу работа во донесувањето на закони. Некои од законите кои, како што кажа, демократскиот блок, преку зголемено, стабилно парламентарно мнозинство предводено од СДСМ  треба да ги донесе се: минимална плата од 18.000 денари, недела неработен ден, отпис на каматите за долгови, Законот за служба во Армијата, како и законските измени кои обезбедуваат трајно вработување на 4.700 наставници во основните и средни училишта.