Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, при Кривичниот суд го одби предлогот за условен отпуст на Зоран Милески – Кичеец правосилно осуден на три години затвор за случајот „Рекет“.

– Постапувајќи по предлог на Директорот на КПД Струга – Отворено одделение, за условен отпуст на З.М. правосилно осуден во предметот на овој суд со КОК бр. 131/19 во јавноста познат како „Рекет“, Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, по одржана седница на совет на 12.11.2021, донесе решение со кое предлогот се одбива, соопшти денеска Основен кривичен суд Скопје.

Од Кривичен суд, информираат дека решението во текот на денешниот ден е експедирано до странките во постапката кои имаат право на жалба во рок од осум дена, преку овој суд до Апелацискиот суд Скопје.

Кичеец пред неколку дена беше осуден на шест месеци затвор поради сообраќајна несреќа во која загина едно лице. Сообраќајната несреќа ја предизвикл Кичеец, претекнувајќи со своето возило на недозволено место, пред неколку месеци, на патот Кичево – Гостивар кај Стража. Во тој период Кичеец користел едномесечен отпуст од затворот во Струга каде што ја издржува казната за Рекет.