Уставниот суд на денешната седница треба да одлучува за уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на референдум, донесена од Собранието на Република Македонија на 30 јули 2018 година.
До Уставниот суд поднесени се иницијативи од Светскиот македонски конгрес и од политичката партија Левица. Подносителите сметаат дека одлука за референдумот не е во согласност со Уставот на РМ, Законот за референдум и другите облици на непосредно изјаснување на граѓаните, како и со воспоставените европски стандарди и добри референдумски практики утврдени од страна на Венецијанската комисија. Тие бараат Уставниот суд целосно да ја поништи одлуката за референдум, а доколку одлуката ја донесе по референдумот, тогаш да ги поништи резултатите.
Политиката декларативно „не се меша во судството“, но со во практика е вака:
За иницијативата за оценка на уставноста и законитоста на одлуката за референдум вчера се произнесе и шефот на дипломатија Никола Димитров. Тој на прес-конференцијата со неговиот германски колега Хајко Мас му сугерираше на Уставниот суд дека „голема е одговорноста во овој момент, кое било тело, дури и Уставниот суд, клучот на одлучување да го земе од рацете на граѓаните“.
Премиерот Зоран Заев, пак, во врска со постапувањето на Уставниот суд за одлуката за распишување референдум пред извесно време рече дека, според него, сѐ е во согласност со Уставот, но дека останува Судот да си го каже своето.
Последниот збор, сепак, ќе го имаат уставните судии. И од нивната одлука ќе може да се види колку декларативноста за независноста на судството функционира и во практика.