Утрово во 7 часот почна референдумот за смена на уставното име на Република Македонија во Северна, а според првите информации објавени од гласачките места во 9 часот одѕивот е многу слаб, односно излезноста е 2,4 отсто.
Гласачите се изјаснуваат за ново име на Република Македонија, кое воопшто не е содржано во референдумското прашање кое гласи „дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот на Република Македонија и Република Грција?“
До 9 часот утринава, излезноста е 2,45 отсто, информираше ДИК. Податоците се добиени од 71,58 гласачки места. Најголем одѕив има во Демир Хисар 4,12 отсто, а најмал во Конче 0,73 отсто.
Право на глас имаат 1.806.336 гласачи запишани во Избирачкиот список, а се гласа на 3.748 избирачки места.
Вчера гласаа лицата во казнено-поправните домови, внатрешно раселените, лицата кои се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор и немоќните и болните лица кои го побарале тоа од општинските изборни комисии. Во текот на денешниот ден ДИК ќе излезе со пресек за податоците од вчерашното гласање во конзуларните претставништва, казнено-поправните установи, како и за болните и изнемотшени лица.
По затворањето на гласањето во 19 часот, ДИК првичните резултати од референдумот добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците и целокупниот гласачки материјал од ОИК во рок од 24 часа по нивниот прием. Конечните резултати од референдумот ДИК ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност. ДИК ги објавува резултатите од референдумот во Службен весник во рок од 15 дена од денот на одржувањето.
Денешното изјаснување на референдумот ќе го набљудуваатдомашни и странски набљудувачи. Официјалната бројка од ДИК на акредитирани домашни набљудувачи е 11.907, на странските набљудувачи е 493, а меѓународните организации акредитирале и 194 преведувачи.
Покрај домашни, референдумот ќе го следат и странски новинари. ДИК акредитирала 83 новинари од 32 медиуми.