Концепцијата за основно образование, која овој март беше усвоена по четири месеци дебати и полемики, ќе се применува со стартот на учебната 2021/2022 година. Најпрво во прво и четврто одделение, за кои наставните програми по сите предмети се веќе изработени, а потоа етапно и во другите одделенија. Планот на МОН е за пет години да биде реформирано целото деветгодишно основно образование.
Според стручните кои ја подготвија новата концепција, придобивки се намален број предмети, нивно интегрирање и можност за учениците да избираат предмети со што се почитуваат нивните интереси и се овозможува развој на нивните потенцијали.
Концепцијата беше подготвена од работна група од 12 члена, според кои таа обезбедува настава ориентирана кон продлабочено и смислено учење базирано на критичко мислење и логичко заклучување, осмислување и поврзување на информациите и решавање проблеми, наместо помнење факти, кои денес се лесно достапни, а се подложни и на манипулација. Целта е она што учениците го учат да можат да го поврзат со секојдневниот живот и тоа е водечкиот принцип по кој се креирани наставните програми. Тие се темелат и на инклузивност, родова сензитивност/рамноправност и интеркултурност т.е. подобрена интеретничка интеграција,
Наставниот план содржи задолжителни предмети – од осум во прво до 11 во деветто одделение: Мајчин јазик т.е. јазикот на кој ученикот ја следи наставата: Македонски/Албански/Турски/
Задолжителен е и Историја и општество (опфаќа содржини од историјата, делови од географија, граѓанско образование и од други општествено-хуманистички дисиплини) и се изучува во континуитет – најпрво преку предметот Општество (I-III одд.), а од IV одд. преку предметот Историја и општество. Ликовно образование, Музичко образование, Физичко и здравствено образование се, исто така, задолжителни и секој од овие три предмети е застапен во сите одделенија на основното образование со ист фонд на часови.
Од вториот образовен период (од IV до VI одделение) се воведува и задолжителниот предмет Техничко образование и информатика – кој е застапен и во третиот образовен период (од VII до IX одделение), но во пониските одделенија акцентот се става на техничкото, а во повисоките одделенија на информатичкото образование.
За учениците кои не ја следат наставата на македонски јазик, во задолжителните ќе биде и предметот Македонски јазик кој ќе се изучува во вториот и третиот период на основното образование (од IV до IX одделение).
Наставните програми што обединуваат повеќе научни дисциплини (Природни науки, Историја и општество, Техничко образование и информатика) се модуларни, односно во рамки на наставната програма секоја научна дисциплина претставува засебен дел (модул) со јасно утврдени резултати од учење, стандарди за оценување и временска рамка (број на часови) за реализација. Исто така, наставните програми за овие предмети може да имаат и заеднички модул во кој дисциплините се обединети околу заеднички резултати од учење.
Според авторите на Концепцијата, мултидисциплинарно и интердисциплинарно изучување овозможува учениците полесно да ги поврзат наставните содржини со реалноста, да ја согледаат смислата на она што го учат и да ги доживуваат наставните активности како релевантни и применливи. Оваа интеграција бара наставните програми од различните предмети да овозможат реализација на сродни теми во текот на исто одделение. Се работи за холистички пристап кој при изучувањето на одредена централна тема или прашање/проблем, ги нагласува врските меѓу процесите/појавите.
Значењето на некој поим може да се проширува на тој начин што ќе се доведува во врска со други теми кои се обработуваат во погорните одделенија. Наставните програми тука го следат принципот на т.н. спирален курикулум кој се базира на повторување на клучните поими, но со постепено усложнување на нивоата на знаење за овие поими и/или согледување на нивното значење во различни контексти. За успешно планирање и реализација на интегрираната настава се укажува на неопходна соработка меѓу наставниците од различни дисциплини.
Изборните предмети, пак, ќе ги нудат самите училишта и тие ќе произлезат од интересите на учениците, но се земаат предвид и можностите на наставниот кадар и ресурсите со кои располага училиштето. Овие предмети, според експертите, може да помогнат не само во развивање на потенцијалите на учениците, туку и во зголемување на нивното задоволство од престојот и учењето во училиште и во зголемување на нивната мотивација за постигнување успех вон училиштето.
Според Концепцијата, секое училиште задолжително ќе треба да понуди две листи на изборни предмети – едната е за учење Втор странски јазик (германски, француски, италијански и руски јазик) од VI до IX одделение. Втората листа опфаќа т.н. Слободни изборни предмети кои ќе ги нуди училиштето, во зависност од интересите на учениците и можностите на училиштето.
Кај изборните предмети се нудат и такви кои се посветени на стекнување сознанија за културните/етничките обележја на сите што живеат во државава, како и на нагласување на заедничките интереси и вредности на сите граѓани што се припадници на различните етнички заедници. Се нуди можност учениците да изберат да го учат вториот службен јазик на општината каде што се наоѓа училиштето (албански, турски, српски, ромски). За учениците кои учат на јазик различен од мајчиниот, училиштето им нуди можност за изучување на сопствениот јазик и култура почнувајќи од трето одделение, преку избор на предметот Јазик и култура на Ромите/Власите/Бошњаците/
На сите ученици кои не ја следат наставата на албански јазик, во вториот период (VI-IX одд.) им се нуди можноста да учат Албански јазик како дополнителен изборен предмет. Меѓуетничката интеграција се стимулира и со заеднички наставни и воннаставни активности со етнички мешани групи ученици кои учат на различни наставни јазици.
Слободните изборни предмети во првиот образовен период (од прво до трето одделение) ќе се реализираат во форма на слободни активности што ги води одделенскиот наставник и како дополнување на она што е веќе учено во текот на денот/неделата. На учениците од вториот и третиот период на основното образование (IV-IX одд.) им се нуди да избираат од четири категории слободни изборни предмети. Во првата категорија се предмети за продлабочување на знаењата од задолжителните наставни предмети (програмирање, сликање/цртање/вајарство, класична култура, сексуално образование); втората категорија – за поддршка на интереси на учениците кои не се дел од наставните предмети (фотографија, градинарство/хортикултура, театарски работилници, танцување, готвење, резбарство, моделарство).
Во третата категорија се слободни изборни предмети за поддршка на личниот и социјалниот развој на учениците (образование за животни вештини, мултикултурни работилници), а во четвртата се изборни предмети од спортско-рекреативен карактер (пример: фудбал, кошарка, ракомет, одбојка, пинг-понг, јога, пилатес).
Сите основни училишта ќе бидат задолжени во секој образовен период да понудат најмалку три изборни предмети од секоја од четирите наведени категории. Исклучок се училиштата со мал број ученици во кои листата на изборни предмети, во договор со учениците (односно со нивните родители/старатели), може да биде поограничена.
Од листата на слободни изборни предмети утврдена во училиштето, учениците избираат два во текот на една учебна година – еден за првото и друг за второто полугодие. До трето одделение слободните изборни предмети се реализираат како слободни активности. Во активностите во конкретен изборен предмет учествуваат ученици коишто споделуваат заеднички интерес, без оглед дали учат во исто одделение/паралелка. Слободните изборни предмети се оценуваат описно и постигањата на учениците се вклучуваат во додатокот на свидетелството.
Концепцијата предвидува во училиштата да се реализираат и повеќе видови задолжителни воннаставни активности. Тие може да бидат краткотрајни, како акции (еколошки или хуманитарни, доброволна и општествено корисна работа надвор од училиштата), излети, екскурзии и еднократни работилници, а може да бидат и подолготрајни, какви што се: еколошките клубови, спортските клубови, училишниот театар, училишниот хор и оркестар… Секој ученик во третиот период (од седмо до деветто одделение) е задолжен да реализира најмалку 20 часа општествено корисна работа (индивидуално или заедно со соученици) во текот на една учебна година. Активностите може да бидат различни – акција за чистење во пошироката околина, читање книги на деца во градинка, собирање стара хартија во соседството, посетување и помагање на стари лица или лица со попреченост во соседството итн.
Наставните програми за сите предмети се развиваат врз основа на националните стандарди кои се базирани на компетенции кои учениците треба да ги стекнат на крајот на основното образование и тие претставуваат комбинација од знаења, вештини и ставови. Националните стандарди се однесуваат на осум подрачја околу кои се групирани компетенциите: Јазична писменост (се однесуваат на мајчиниот јазик односно јазикот на кој се следи наставата), Користење други јазици, Математика и природни науки, Дигитална писменост, Личен и социјален развој, Општество и демократска култура, Техника, технологија и претприемништво и Уметничко изразување и култура.
За сите предмети (задолжителни и изборни од областа на јазиците) Концепцијата предвидува изработка на квалитетни учебници и/или наставни материјали кои се целосно усогласени со наставната програма. За учениците до трето одделение тие треба да бидат во печатена форма, а во сите горни одделенија може да бидат во електронска или печатена. Планот е класичните форми на учебниците (достапни во печатена или електронска форма) постепено да бидат заменети со дигитални верзии. За задолжителните предмети Музичко образование, Ликовно образование, Физичко и здравствено образование и Техничко образование и информатика нема да има учебници, туку ќе се користат наставни материјали, исто како и за слободните изборни предмети, соодветно на темата што ја покриваат.
Во согласност со овие цели на Концепцијата, подготвен е и Предлог-закон за учебници и наставни материјали кој наиде на отпор да се дигитализираат учебниците и иницијатива за референдумско изјаснување на граѓаните, по што Владата го повлече од собраниска процедура, а МОН најави дека од септември повторно ќе организира дебати за нови сугестии со кои ќе биде подобрен предложениоет текст.
Во однос на организацијата на наставата, во Концепцијата е наведено дека сè додека голем дел од учениците учат во училишта со двосменска настава, задолжителниот престој на учениците од прво до петто одделение во училиштето е пет часа на ден, од кои три до три и пол часа поминуваат на наставни часови, а преостанатото време во други активности. Учениците од шесто до деветто одделение престојуваат во училиштето по шест часа дневно, од кои четири до четири и пол часа се на наставните часови, а преостанатото време во други активности. Тенденцијата е сите училишта во земјата да работат едносменски и кога тоа ќе се оствари, задолжителното време во училиштето ќе може да се продолжи за да се отвори простор за повеќе активности надвор од редовните часови. За да може да излезат во пресрет на сите задачи, престојот на наставниците во училиштето е по шест часа на ден.
Концепцијата содржи и насоки за оценување на учениците и е појаснето дека информациите за нивните постигања во учењето ќе бидат во вид на краток опис (кај описните оценки), во вид на бројка (кај бројчените оценки) или во вид на категорија: „Се истакнува“, „Задоволува“ или „Не задоволува“ (кај слободните изборни предмети).
Предизвик ќе биде сумативното оценување во наставните предмети во кои се интегрирани повеќе дисциплини и тука наставниците кои заедно ја планираат наставата треба и да се договараат околу начинот на проверките (тестови, есејски задачи, усни презентации). Секој наставник ќе дава сумативна оценка за својот модул и завршните сумативни оценки за секој модул се запишуваат во додатокот на свидетелството, а во самото свидетелството за предметот се запишува една заедничка оценка од наставниците што ја реализираат наставата од конкретниот предмет.
Хатка Смаиловиќ за МИА