Што зборувале Боки 13 и Ана Камчева со братот на судијката Весна Димишкова, Васил Димишков ќе остане енигма за јавноста. Повеќе од два часа денешното рочиште за случајот „Рекет“ по барање на обвинителката Вилма Русковска беше затворено за јавноста. Станувало збор разговори кои би можеле да ја нарушат приватноста на лицата опфатени во снимките. Вчера обвинетите инсистираа Судот да не ја исклучува јавноста, објави ТВ Ал Сат.
Боки 13 тврдеше дека со тонската снимка ќе се отвори Пандорината кутија, а Катица Јанева дека тоа е доказ кој ќе докаже оти се работи за поткуп, а не за рекет. Сепак, адвокатот на Боки 13, Сашо Дуковски, по слушањето на материјалот, рече дека снимката не давала никаков контекст на обвинението.
Инаку, денешното рочиште започна со половина час доцнење. Пред да се исклучи јавноста, Боки 13 се пожали од затворската полиција.
„Доцнам бидејќи ме нападнаа затворските службеници“, рече Јовановски.
Од истражниот затвор Шутка велат дека Боки 13 одбивал полицајците да му стават лисици за да го спроведат до Судот, но оти немало никаква тензија.