Утринските температури кои достигнаа 30 степени Целзиусови во Шпанија во текот на октомври можеби ги воодушевија туристите, но тие предизвикуваат загриженост кај научниците. Живата се искачува многу над нормалното низ Европа, од Шпанија до Шведска.
По летото обележано со топлотни бранови, во Европа дури на почетокот на есента преовладуваат невообичаено високи температури, што е знак за забрзување на климатските промени.
Месецот сè уште не е завршен, но веќе можеме речиси со сигурност да кажеме дека тоа ќе биде најтоплиот месец (во Шпанија) од 1961 година, од кога започна собирање на податоци“, рече Рубен дел Кампо од шпанската метеоролошка служба Аемет, додавајќи дека доколку се земаат предвид историските податоци, овој октомври во Шпанија е најтопол во последните сто години.
Еден, два дена над 30 степени е нормално за Шпанија. Но, толку многу денови, не. Ова се летни температури, а веќе влеговме во есен“, изјави Дел Кампо.
Во петокот наутро, одморалиштето Сан Себастијан забележа температура од 30,3 степени Целзиусови во 8:30 часот, што е значително над сезонскиот просек.
Последниве денови избувнаа пожари во Баскија, каде се наоѓа Сан Себастијан, па властите забранија скара и огномет.
Необичниот топлотен бран донесе и нов збор во шпанскиот јазик – „вероно“, комбинација од зборовите верано (лето) и отоно (есен).
Дел Кампо рече дека во последните десет години има „значително забрзување“ на климатските промени и зголеменото опустинување на земјата.
Валенсија и Сарагоса се меѓу десетте европски градови најпогодени од глобалното затоплување, покажуваат податоците од последните 12 месеци.
Соседна Франција, како и Шпанија, забележа потопол октомври од просекот. И топло е на крајниот север, во Шведска, каде во петокот во јужниот град Кристијанштад беа измерени рекордни 19,5 степени.
Тоа е најжешката температура досега забележана во Шведска“, рече Ерик Хојгард-Олсен, метеоролог од Шведскиот метеоролошки и хидролошки институт (SMHI).
Во југозападниот дел на Франција, кој летово беше погоден од големи шумски пожари, Метео Франс во петокот објави дека температурите се приближиле до 30 степени.
Во Белгија, главниот град Брисел забележа максимална температура од 24 степени, цели 10 степени повисока од вообичаеното за крајот на октомври.
Британската метеоролошка служба во средата објави дека Лондон уживал во топли 20,5 степени Целзиусови, што е поблиску до температурите кои владеат на крајот на август, а не на крајот на октомври.
Топлиот фронт од југозападниот дел на континентот ја зафати и Германија, која ужива во температури кои се попогодни за лето од почетокот на ноември.
Тешко е да се поверува дека е крајот на октомври бидејќи големи делови од Европа (и Северна Африка) се невообичаено топли, објави Светската метеоролошка организација во петокот на Твитер.
Рубен дел Кампо рече дека засега можеби на некои им одговара тоа што не мора да го вклучат парното и дека можат да одат дури и на плажа.
Но, всушност, последиците не се добри, рече тој, посочувајќи на ниските нивоа на подземните води, што е лоша вест за Шпанија, чие земјоделство ја снабдува Европа со голем дел од своето овошје и зеленчук.
Залихите на подземните води во Шпанија минатата недела паднаа на 31,8 отсто од капацитетот, во споредба со десетгодишниот сезонски просек од 49,3 отсто.
Жителите и туристите кои уживаа на плажите во Барселона изјавија дека се свесни дека има негативна страна на ваквото топло време.
Навистина сме среќни со ова топло време, го сакаме. Но, тоа не е нормално, вели Алиша Пескара, 43-годишна козметичарка.