Пратеничката на СДСМ Фросина Ременски се огласи по повод текстовите објавени на портали за нејзина наводна инволвираност во криминалната афера Рекет.
– Ничие право не смее да загрози право на друг. Тоа се границите на сите слободи и права на граѓаните. Медиумите како придобивка на демократијата имаат и право и обврска да известуваат за сите прашања од јавен интерес и за случаи на криминал и корупција, почитувајќи ги начелата на новинарската етика кои вклучуваат објективно известување, проверка на веродостојноста на информациите и забрана за злоупотреба на средствата за јавно информирање за лажно обвинување за корупција. На „Инфомакс“ на 23.08 беше објавен документ (записник) од исказ на лице за кривично-правен настан кој е предмет на актуелнa истрага во ОЈО за организиран криминал и корупција. Селективното презентирање на содржината од објавениот записник со манипулирање и насочување кон заклучоци и новинарски интерпретации за некаква моја вмешаност и вмешаност на мојот сопруг во случајот Рекет, ги ценам како груби клевети и невистини. Овој текст продуцираше написи и наслови во други портали со иста содржина, се вели во објавата на Ременски.
Таа натаму додава дека „обвинителството ги има на располагање сите права и обврски да ја утврди точноста на сите дејствија за сите спомнати во записникот“.
– Медиумскиот суд не може да биде замена за институционално постапување. Со оглед на фактот дека, лицитирањето со вината и манипулирањето со ширење на дезинформации и клевети за мене и за мојот сопруг ги сметам за напад врз мојата чест и углед, што повлекува и чувство за загрозување на мојата безбедност, ќе ги преземам сите законски дозволени средства за заштита. Барам новинарот кој е автор на текстот во порталот Инфомакс и порталот Република кој објави клеветнички наслов да го повлечат веднаш и да се извинат во спротивно се приклучуваме кон заедничката тужба за клевета од премиерот Зоран Заев и други. Еден од важните начела на правната држава е трагањето по вистината и одбрана на вистината, преку демократски правни средства по институционален пат, пишува Ременски во реакцијата на Фејсбук.