Размена на искуства и соработка меѓу активистите и здруженијата, едукација и информирање на граѓаните за употребата на медицинскиот канабис, но и можност за купување на разни производи е она што го одбележува првиот балкански саем за канабис „Балканабис експо“ што викендов се одржува во Атина. Меѓу земјите учеснички е и Македонија, преку здружението „Зелена алтернатива“. Со свој штанд, но и со предавања и учество на панел дискусии, посетителите, домаќините и учесниците се запознаваат со македонското искуство со медицинскиот канабис.
Македонското искуство би можело да им користи и на домаќините, но и на учесниците од другите земји кои се уште се борат за легализација на медицинскиот канабис. Во Грција е легален, но, како што вели за МИА, организаторот на саемот Михалис Теодоропулос, има недостиг на одлуки од Министерството за здравство што се однесуваат на пациентите и на дозирањето.
– Ова е прв „Балканабис експо“. Ние, како активисти, веќе 15 години се занимаваме со прашањето, организираме информативни настани, кампања за информирање и бидејќи во изминатите две години е променето законодавството рековме да преминеме кон имплементација и да помогнеме во правилното користење. Затоа донесовме многу говорници од странство, да ни кажат што се случува во другите земји и да можеме добрите примери да ги искористиме во Грција, вели Теодорпулос.
Во Србија пак, ситуацијата е многу поразлична за разлика од онаа во Македонија и Грција. Маја Васиќ од организација „ИРКА“ која се бори за измена на законските регулативи за легализација на канабис во Србија, во разговор за МИА објаснува дека во моментов не постои никаков закон за легализација.
– Во Србија ситуацијата е особено лоша. Немаме никаков закон за легализација, а во моментов, законот што постои за психоактивни контролирани супстанци е многу ригорозен. Па така дури и луѓето што сакаат да одгледуваат канабис за индустриски цели, без голем процент на ТХЦ се многу ограничени, бидејќи можат да купат само два локални вида на семки што имаат под 0.3 ТХЦ и ваквите семки за некои производи се лоши. Во однос на медицинската употреба, уште во 2014, тогашниот министер за здравство, ветуваше легализација на медицинскиот канабис, но тој тоа го споменуваше во контекст на синтетички канабис. Но, ни тоа не е исполнето, вели Васиќ.
Балканскиот саем е под покровителство на Министерството за здравство на Грција и општина Атина. Започна во петокот со свечено отворање, а завршува денес. Посетителите на саемот имаа можност да се запознаат, да пробаат или да купат производи од канабис на штандовите на над 120 изложувачи и да ги слушнат искуствата на 35 предавачи од 17 земји.
Филип Достовски од „Зелена Алтернатива“, учествуваше на панел дискусија со други активисти од Балканот за искуствата во Македонија, додека пак денес ќе говори на работилница за активизам.
– Ќе го пренесеме она што сме го направиле и како сме успеале да го направиме во Македонија, кој е начинот, ние ќе го кажеме нашето искуство, па нивно е како ќе го искористат. Имаме добра соработка, се интересираат за она што се случува кај нас, вели Достовски.