Петмина советници на министерот за надворешни работи Никола Димитров земаат хонорари повисоки од месечните примања на претседателот на државата, дознава Република од документите доставени од свиркачи до нивната редакција.

Договорите, како што објави Република, се потпишани во октомври 2018 година, па оттука досега на петтемина советници, професори и поранешен амбасадор, досега им биле исплатени вкупно 63.000 евра во хонорари, но ако се има предвид дека на државна сметка им се службен телефон, дневници за службени патувања, репрезентација за ручеци и други трошоци, Димитров ги честел од Буџетот многу повеќе.

Некогашниот амбасадор, пензионерот Виктор Габер, зема месечен хонорар од 1.200 евра за функцијата советник на министерот за надворешни работи Никола Димитров, плус има платен службен телефон, дневници за службени патувања, репрезентација за ручеци и други трошоци на државна сметка.

Според документите до кои дошле во Република, Димитров го потпишал договорот со Габер во октомври 2018 кога и го поставил за координатор на Комитетот на Република Македонија за имплементација на Договорот од Преспа.

Досега МНР на советникот Габер му има исплатено 15.000 евра, само на основ хонорар.

Министерот Димитров потпишал вакви договори и со професорот од Филолошкиот Факултет Људмил Спасов, со доцентот од Правниот факултет Ана Чупеска, со професорот од Институтот за историја и археологија Никос Чаушидис, како и со професорот Фехари Рамадани од Универзитетот во Тетово.

Најголемиот дел од нив се активни членови на владејачката СДСМ: амб. Виктор Габер (пензионер, член на СДСМ) 1.200 евра; проф. Људмил Спасов (Филолошки факултет, СДСМ) 1.000 евра; доц. Ана Чупеска Станишковска (Правен факултет) 1.000 евра; проф. Никос Чаушидис (Институт за археологија) 1.000 евра: проф. Фехари Рамадани (Универзитет Тетово, Катедра за историја) 1.000 евра.

Извор: Република