Владата од една страна им дава шанси на граѓаните да заработат од скенирање на фискалните сметки и од повраток на ДДВ, а од друга страна владините институции на граѓаните им го отежнуваат патот да дојдат до некој денар во ова кризно време.

– До крајот на неделата очекуваме да се заврши процесот на прилагодување, тимот на УЈП е ангажиран со цел во најкраток рок да се заврши овој процес на прилагодување на апликацијата Мој ДДВ, велат од УЈП за  порталот Фокус.

Ова доаѓа по реакциите од граѓаните дека апликацијата не функционира за сите сметки, но и дека дел од граѓаните немаат воопшто пристап до системот за да скенираат фискални сметки. Револтот на граѓаните може да се види и на социјалните мрежи каде може да се видат коментари дека „ова не е фер и дека се прави намерно од страна на институциите за да не можат да ги вратат парите“.

– Очекуваат на 40 степени да одиме да скенираме на нивните пунктови, коментираат граѓани по објавите од УЈП дека ако не можат дома, граѓаните да дојдат во УЈП да ги скенираат сметките.

Од УЈП, пак, велат дека ќе ги информираат граѓаните „кога ќе заврши ажурирањето на софтверот и корисниците повторно ќе можат да користат напреден начин на скенирање“.

– Се молат граѓаните, корисници на апликацијата да имаат разбирање додека трае процесот на прилагодување, смируваат од УЈП.

Од УЈП велат дека фискалните сметки имаат важност и може да се скенираат во рок од љ0 дена од издавањето, до кога очекуваат и да се заврши прилагодувањето на системот. А за сметки кои се издадени пред 21 јули годинава истите ќе може да ги скенираат на бар код читачите или киосците кои се поставени во просториите на Управата за јавни приходи.