Резолуцијата за евроинтеграцискиот пат на државата и црвените линии во однос на националните прашања, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја достави во Собранието најдоцна до утре.

Од опозициската партија очекуваат таа да биде прифатена од страна на сите парламентарни групи во Собранието. За документот поддршка дадоа пратениците од македонскиот блок партии, ДУИ бара дополнително усогласување, додека Алијанса на Албанците и Алтернатива својот став го најавија за денеска. Откако ќе влезе во собраниска процедура, претседателот на Собранието Талат Џафери треба да ја стави на пленарна седница.

-Укажуваме на недозволивоста и неприфатливоста за екслузивно присвојување на историјата идентитетот, традициите и каков било облик на хегемонизам, без оглед на тоа од каде доаѓа, изјави вчера пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски.

Цениме, рече тој, дека оваа резолуција треба да биде прифатена со консензус на сите пратеници затоа што тоа е еден долг кон граѓаните.

-Содржината е целосно избалансирана и како таква може да биде од голема помош за Владата на Република Македонија во спроведување на нашиот надворешно политички приоритет, затоа што содржината е добра намера и со позитивен контекст којшто може да помогне во натамошно градење на добрососедските односи на рамноправен и принципилена основа и во прилог на забрзување на нашите евроинтеграциски процеси, смета Муцунски.

За Резолуцијата вчера одговарајќи на новинарско прашање зборуваше и портпаролот на Владата Душко Арсовски и рече дека на Собранието е да предлага, да расправа и да одлучува за резолуции и слични документи и иницијативи.

-Позициите на Владата во однос на македонскиот идентитет и македонскиот јазик се познати, постојано поврдувани и јасни. Во секоја прилика Владата кажува дека од нив нема да отстапи. Идентитетските црвени линии се јасни и на граѓанитре и на меѓународната јавност, рече Арсовски.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, зборувајќи за позицијата на неговата партија во однос на Резолуцијата кажа дека тие се на ставот oti овој процес треба да се почне од нула, да седнат политичките партии консензуално, а не да биде наметната од една парија.

-Се плашам дека може од државна со ваква резолуција да преминеме во етничка позиција, вели Османи.

И покрај притисоците од опозицијата, посочи министерот, не навлеговме во негативен дискурс со Бугарија и пред очите на светот добивме признание дека ние сме во право.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, возврати дека очекува ДУИ да застане зад интересот на своите сограѓани и да ја поддржи резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за црвените линии во преговорите со Бугарија.

-Очекувам ДУИ да ги надмине своите милитантни однесувања и барем еднаш да застане зад интересот на нивните сограѓани Македонците како мнозинска заедница. Вистински да застане зад новата агенда што ја најави, а тоа е зелената агенда, и наместо химната, знамето и грубото кршење на Уставот од страна на Талат Џафери, да имаме навистина еден вистински државнички и братски однос во државава. И наместо да ги гледаме нашите лични интереси и интересите на соседите од другите држави, да ги гледаме интересите на соседите тука внатре, во нашата Македонија, тоа се интересите на мнозинскиот, македонскиот народ, рече Мицкоски во интервју за „Вечер прес“ на прашањето дали очекува да најде заеднички јазик и обединување и со албанските партии.

Мицкоски повтори дека црвените линии на ВМРО-ДПМНЕ се содржани во Резолуцијата што ја доставија до Собранието, и оти веќе направиле консултации со парламентарните партии и од власта и од опозицијата.

-Го поздравувам тоа што и СДСМ одлучи да ја поддржи Резолуцијата, бидејќи и во минатото, сега и во иднина, ВМРО-ДПМНЕ е столб околу кој се обединуваат македонските национални интереси и добро е што СДСМ по неколкудневни обвинувања кон мене лично, успеаја да се надраснат и да сфатат дека идентитетот нема алтернатива и да се обединат околу македонските национални интереси и носечкиот столб кога се работи за тоа прашање – а тоа е ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски.

На прашањето дали очекува поместување во разговорите со Бугарија, тој вели дека најпрвин ќе почека да види како ќе завршат изборите таму, закажани за 11 јули.

И покрај тоа што СДСМ излезе со став дека ќе ја поддржи Резолуцијата, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ немале средба со нивните колеги од оваа партија.

Ставот, пак, на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе биде соопштен денеска.

-Ние како албанска опозиција односно коалиција Алијанса за Албанците и Алтернатива сигурно дека ќе имаме став за оваа работа, бидејќи сме еден многу битен политички фактор во државата, но знаете дека нашиот претседател Зијадин Села беше на едно патување во Америка и се врати пред два дена, рече портпаролот на коалицијата Шефик Дураку на прес-конференција во одговор на новинарско прашање.

Тој додаде дека ставот ќе биде официјално соопштен денеска од нивните претставници.