Жителите на Македонија 37,8 отсто од своите месечни приходи трошат за храна, покажува истражувањето на руската агенција „РИА Рејтинг“, со кое се опфатени 40 европски држави врз основа на податоци од националните статистички служби за 2019 година.
Наспроти ова, жителите на земјава, според анализата, трошат четири отсто од приходите за цигари и алкохол, 3,6 проценти за трошоци во ресторани, кафулиња и хотели и само 1,8 отсто за култура и рекреација.
Истражувањето покажува дека со потрошени 37,8 отсто од месечните приходи за храна, земјава се наоѓа на 37 место на листата, пред Молдавија (43,8 проценти), Казахстан (47,6 отсто) и Украина (50 проценти). На врвот на листата со најмал процент на трошоци за храна е Луксембург (8,4 отсто), пред Холандија и Велика Британија (по 10,6 проценти), Ирска (11,5 отсто) и Финска (11,7 проценти).
Од земјите во регионот најдобро рангирана е Словенија на 18-то место со трошоци за храна од 15,4 отсто од вкупните приходи, Грција е 22-ра со (20,2 проценти), Турција е на 23 место (20,3 отсто), Хрватска на 29-та (28,2 проценти), Црна Гора е 30-та (29,7 отсто), Србија е 34-та (34,3 проценти), а Бугарија е едно место пред земјава, односно 37-ма (37,8 отсто).
Во категоријата на трошоци за цигари и алкохол, Македонија со 4,0 отсто е на делба на 34 место заедно со Литванија и Турција, а по земјава следуваат Украина (4,1 отсто), Србија (4,9 проценти), Бугарија (5,0 отсто) и Романија (8,2 проценти). На самиот врв е Луксембург со 1,3 отсто трошоци за цигари и алкохол од вкупните приходи, пред Португалија, Кипар и Молдавија (по 1,6 проценти) и Шпанија и Германија (по 1,7 отсто). Словенија е 12-та (2,1 проценти), Хрватска е 24-та (2,9 отсто), а Грција и Црна Гора се на делба на 29-то место со по 3,7 отсто.
Кај процентот на трошоци од месечните приходи во ресторани, кафулиња и хотели, земјава е на 11-то место со 3,6 отсто. На врвот на оваа класификација се Романија и Молдавија со 1,9 проценти, пред Белорусија (2,8 проценти) и Хрватска и Украина (со по 2,9 отсто), додека на самото дно се Шпанија (9,9 отсто), Грција (10,8 проценти) и Швајцарија (11 отсто). За Бугарија и Шведска нема податоци во оваа категорија, додека од останатите земји од регионов Србија е шеста (3,1 проценти), Црна Гора 12-та (4,0 отсто), Словенија е на делба на 19-то место со уште четири земји со по 5,7 проценти.
Северна Македонија е на делба на вицешампионското место со Казахстан во категоријата процент на трошоци за култура и рекреација со 1,8 отсто. Пред земјава е само Молдавија со 1,5 проценти, а по нас и Казахстанците следуваат Украина (2,1 отсто) и Турција (2,9 проценти). Последните пет места на листата ги заземаат Германија (10,3 проценти), Исланд 11,1 (отсто), Австрија (11,5 проценти), Велика Британија (15 отсто) и Швајцарија (18,7 проценти). Од земјите во регионот Црна Гора е шеста (3,3 отсто), Грција десетта (4,7 проценти), Србија 12-та (5,1 отсто), Хрватска е на делба на 14-то место со Шпанија (5,5 проценти), Бугарија е 17-та (5,9 отсто) и Словенија е 29-та (13 проценти).
Албанија, Босна и Херцеговина и Косово не се опфатени со истражувањето.