Поранешниот министер за финансии, Риши Сунак, победи во трката за лидер на Конзервативната партија денес и ќе стане следниот британски премиер, трет оваа година.

Тој ќе биде првиот премиер на Британија со индиско потекло и се соочува со задача да ги стабилизира партијата и земјата во време на економски и политички турбуленции.

Неговата единствена ривалка, Пени Мордонт, се повлече.

Како лидер на владејачката партија, тој ќе ја преземе функцијата од Лиз Трас, која минатата недела поднесе оставка од премиерската функција по 45 бурни денови.

Сунак беше силен фаворит додека владејачката Конзервативна партија бараше стабилност во време на огромни економски предизвици.

Неговата позиција се зајакна откако поранешниот лидер Борис Џонсон се откажа да учествува во трка за лидер на Конзервативната партија.

Сунак изгуби од Трас на последните конзервативни избори, но неговата партија и земјата сега изгледаат желни за безбедни раце за да се справат со зголемените цени на енергијата и храната и претстојната рецесија.

Политичарот ја водеше економијата низ пандемијата на коронавирус, добивајќи пофалби за неговата финансиска поддршка за отпуштените работници и затворените бизниси.

Тој вети „интегритет, професионализам и отчетност“ доколку формира влада.

42-годишниот Сунак, чиј татко лекар и мајка фармацевтка емигрирале од Индија во 1960-те, ќе биде првиот британски премиер од азиско потекло, и најмладиот последниве 100 години. Ќе ја преземе функцијата во време кога Обединетото кралство има огромни економски предизвици поради зголемените цени на енергијата и храната и претстојната рецесија. Сунак, кој беше на чело на Министерството за финансии од 2020 до ова лето, поднесе оставка во јули во знак на протест против раководството на Борис Џонсон. Тој ја водеше економијата низ пандемијата на коронавирус, добивајќи пофалби за финансиската поддршка за отпуштените работници и затворените бизниси.

Сега ќе има и политички притисок за предвремени општи избори, како што бараат опозициските партии, а и некои конзервативни пратеници го мислат истото.

По дипломирањето на Универзитетот во Оксфорд, Сунак подоцна замина на Универзитетот Стенфорд каде ја запозна сопругата Акшата Мурти, чиј татко е индискиот милијардер Н. Р. Нарајана Мурти, основач на аутсорсинг гигантот „Инфосис“. Самиот Сунак има работено за инвестициската банка „Голдман Сакс“ и во два инвестициски фонда. Според проценките на „Сандеј тајмс рич лист“, двојката Сунак поседува богатството од околу 730 милиони фунти.