Вакви тимови на експерти (против корупција) од САД има во две држави и тоа се Авганистан и Македонија, податок кој говори дека е поразително што нашата држава ја посетуваат вакви тимови, рече Петар Ристески, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во гостувањето во емисијата Топ тема на ТВ Телма.
– Ние од ВМРО-ДПМНЕ во континуитет зборуваме за криминал и корупција од состојбите во РЕК Битола, набавка на вакцини, афери други во здравство, издавање на пасоши на криминалци, аферата Броило и не се најде заеднички јазик со власта за заедничка борба против корупцијата. И сега дојдовме во ситуација некој од надвор да ни доаѓа тн. камшикар. Вакви тимови не доаѓаат за некој портир и слично, туку корупцијата ја бараат во највисоките ешалони на власта, рече Ристески.
Тој укажа дека критики кон Македонија за ова поле имало и од претходната американска амбасадорка.
– Резултатите се поразителни во борбата против корупцијата и криминалот, јасно е истакната анкетата дека само 8 проценти имаат доверба во правосудниот систем и во таква ситуација нормално е САД да испратат тимови, бидејќи е очигледно дека оваа власт не само што не се справува, туку и генерира криминал и корупција, рече Ристески.
Надлежните кај нас, додаде Ристески, само декларативно се залагаат за борба против корупција и криминал, бидејќи за први лица на Судскиот совет, обвинителство се бираат луѓе од партиски штабови, а не со искуство.
– Власта не ни признаваше дека има корупција се додека не рекоа претставниците од САД. Тие не признаваа дека има скандал и со случајот Онишченко, премиерот и министерот за внатрешни работи велеа нема ништо, но потоа го поништија државјанство. Сега треба да видат американските експерти и кој отвора фирма за фотоволтаици и тоа токму е сопругата на премиерот и формата не и е со било кој граѓанин, рече Ристески.