Дајте, еднаш засекогаш, сите да сфатиме дека:
И УТРЕ ДА ГО СМЕНИМЕ УСТАВОТ, ОД ЗАДУТРЕ ТОА ДА ВАЖИ, И ПО ТРИ ДЕНА ДА ГИ ЗАПОЧНЕМЕ ПРЕГОВОРИТЕ СО БРИСЕЛ, И БЕЗ ПРОБЛЕМИ ДА ГИ ЗАВРШИМЕ ЗА ТРИ МЕСЕЦИ – МАКЕДОНИЈА НЕМА НИКАДЕ ДА СТИГНЕ! НЕМА НИШТО ДА ПОСТИГНЕ, ОСВЕН ШТО ПОВТОРНО ЌЕ СЕ ПОТЦЕНИ И ПОСРАМОТИ, БИДЕЈЌИ ДОГОВОРОТ СО БРИСЕЛ ЌЕ МОРА ДА БИДЕ РАТИФИКУВАН ОД СИТЕ ЧЛЕНКИ НА ЕУ. ИМА ЛИ НЕКОЈ ВО ОВАА НАША МАКЕДОНИЈА ШТО ВЕРУВА, ОЧЕКУВА, СЕ НАДЕВА, СМЕТА… ДЕКА СОБРАНИЕТО НА БУГАРИЈА ЌЕ ГО РАТИФИКУВА НАШЕТО ЧЛЕНСТВО АКО НЕ ПРИФАТИМЕ ДЕКА СМЕ БУГАРИ ПО РОД, СО ЈАЗИК ДИЈАЛЕКТ НА НИВНИОТ И СО ЗАЕДНИЧКА ИСТОРИЈА, ПОТОЧНО БУГАРСКА? ТОА Е АПСОЛУТНО НЕВОЗМОЖНО, НАДВОР ОД УМОТ И ЧИСТА УТОПИЈА. ЗА СОФИЈА, НИЕ СМЕ ВТОРА БУГАРСКА ДРЖАВА, И СЕГА ГО ОФИЦИЈАЛИЗИРААТ ТОА.
Ова е напишано со големи букви за секој да разбере дека промената на Уставот е само ново понижување што нема никаде да нè однесе. Овој ултиматум има друга цел, ама ја прикрива и монструозната преговарачка рамка со која Македонија никогаш нема да стигне до Брисел. Се разбира, без разнебитување на Македонците и нивна бугаризација.
Софија доби отворена поддршка и од Брисел откако се согласија нашите аматери со нејзините монструозни политики (вториот протокол). Затоа, без исклучок, едногласно, унисоно, во секоја пригода и цело време, сите странци ни трубат: Сменете го Уставот, сменете го Уставот… За тоа постои општ консензус и – сите се во право! Дел од нив, свесни дека сме блокирани за ЕУ, дури и добронамерно сметаат дека промената на Уставот е излез бидејќи ние и официјално сме го прифатиле тоа. Повторно – вториот протокол.
За да го тргне Бугарија ветото и за да ги започнеме преговорите со ЕУ, прифативме дека ќе го менуваме Уставот, и тоа треба или да го исполниме, или да го откажеме! Трето нема. Откажувањето не е никаков ерес туку нормална, честа и неизбежна дипломатска пракса. Друг излез – немаме! Откако новата власт спроведе важни промени во реториката и привремено го врати достоинството на земјата, како да застанаа и како да чекаат некој друг да делува место нас и за нас. Тоа не води никаде. Сега мора да следува акција, која на голема врата ќе нè врати на меѓународната сцена. Тоа може да се постигне само со откажување на вториот протокол.
Едногласноста на странците, пак, покажува дека, со неспорната нова реторика и идеи (одложено дејство), никого не сме успеале да увериме дека промената на Уставот е неоснована, понижувачка, спротивна на фундаменталните интереси на македонскиот народ, ама и обврска прифатена на целосно нелегален и неуставен начин. Тоа е голем неуспех и на нашата дипломатија, ама и на политиката.
Неспорно е дека таа обврска ни беше силеџиски наметната од страна на Париз, и не само оттаму. И целта не е спорна: бугаризација на Македонците, зад што не стои само Софија! Сега, на радикален начин, сами мора да ги вадиме костените од огнот. Кај нас, малкумина го разбираат сето тоа.
Опозицијата или мора да го сфати ова и соодветно да се однесува или да објасни до каде ќе стигнеме со промената на Уставот, за што агресивно се залагаат. Чисти бесмислици се изјавите дека треба да тргнеме, па до кај стигнеме, и дека ставањето на Бугарите во Уставот не менува ништо. Или не се разбираат бугарските намери или се поддржуваат. И тука нема трето. Намерите на Софија се софистицирани и, очигледно, неразбирливи за опозицијата. Сигурно не поставува ултиматум за Уставот за да се фали дека ракатката Бугари се во него! Тие имаат издадено, можеби, и 200 илјади пасоши на наши граѓани, кои потпишале дека имаат бугарски корени. Според нивните калкулации, по тројца членови на семејствата, тоа се преку 500 илјади „Бугарчиња“ во земјава! Токму тие се релевантни за Софија. А, Филипче, тие околу него и многу други не може ни да замислат какви права ќе бара Софија за нив. Уште во текот на преговорите! ОРД ќе биде – играчка.
Наш главен проблем и предизвик воопшто не е навредливиот ултиматум за промена на Уставот, кој има своја цел, ама е и некаква мамка, туку катастрофалната, дискриминаторна, искривоколчена, дури и крволочна преговарачка рамка, преку која Македонија нема теоретски шанси ни да се доближи до Брисел. Во неа се сублимирани сите бугарските историски синдроми и ментални девијации дека нема Македонци, македонски јазик, историја… Ако не ја смениме рамката, не треба да губиме време и нерви, туку веднаш да се откажеме од амбициите за членство во ЕУ.
Единствен начин да излеземе од овој маѓепсан круг и да ги отвориме македонските перспективи за Унијата, како наш прв исчекор, мора да биде откажувањето на вториот протокол. Со тоа, автоматски паѓаат во вода и ултиматумот за промена на Уставот и самата преговарачка рамка. Веднаш потоа мора целосно да се ресетираат односите со Софија, и тоа на реципрочна основа – Македонци таму, Бугари кај нас. Само така се отвора пат за членство во ЕУ, која сигурно уште долго нема да се шири. Без тоа, за Македонија нема членство во ЕУ, освен ако прифатиме бугарски корени и бугаризација!
Ако не ги присилиме, ниту наскоро ниту во следните 10- 15 години, Софија и Брисел нема да ги менуваат своите политики кон Македонија. Тоа е цементиран факт. Тие ги решија своите проблеми со наша согласност и сега немаат потреба од никакви отстапки. Затоа ќе инсистираат на нашата обврска околу Уставот, сè додека не ја откажеме.
Брисел нема мандат за никакви гаранции. Софија, пак, не сака ни да разговара со нас бидејќи успеале сè да вметнат во рамката. И сосема со право, нè упатуваат на Брисел. Со рамката, доживееја несонуван триумф, што не е (само) нивна заслуга. Зошто да се откажат од тоа? На фактите мора да им гледнеме право в очи, да не се вртиме во маѓепсан круг и да бараме реални решенија. Време за губење нема.
Идејата на власта дека можеме да чекаме е апсолутно погрешна. Тоа би било погубно бидејќи веќе следната година би се нашле во стравотна криза, предизвикана од опозицијата; Албанците, заради нивни цели; ама и од народот, кој со право сака во ЕУ. Македонија нема време за чекање.
Овие факти и аргументи се повторени повеќе пати и ова нека биде последна опомена. За опозицијата, која го зграпчила Уставот без алтернативи, ама и за власта, која не е спремна за акција. Итно ни е потребна добро осмислена дипломатска офанзива, со користење и на странски експерти, која, преку вториот протокол, ќе нè извади од ќор-сокакот во кој сме веќе предолго заглавени, и без индикатори за некаков излез. Власта мора да преземе радикални чекори, а опозицијата да ги стави државните интереси над партиските.
Инаку отидовме јабана. Впрочем, ако не сме способни да се избориме за своето достоинство и за своите универзално признати права, и треба да нè бугаризираат.
Македонија вечна!
(Авторот е поранешен амбасадор и политички аналитичар)
Колумната е објавена на Вечер.мк




