Во здравството најголем проблем не се условите, туку недостигот на медицински персонал и преголемата централизација на здравствените услуги во Скопје, оцени директорот на ГОБ „8 Септември“, Синиша Стојаноски.
Тој посочи дека во скопските болници секојдневно доаѓаат пациенти од целата држава, што директно влијае врз создавањето листи на чекање.
„Во здравството фали персонал, не услови. Пред една ипол година наназад, кога не бев ниту дел од менаџментот на болницата, кога зборувавме за национална здравствена стратегија, ние не смееме да оставиме сè да се централизира во Скопје“, рече Стојаноски.
Според него, пациентите мора да добиваат здравствени услуги и во градовите каде што живеат, наместо речиси сè да се префрла во главниот град.
„И во оваа болница и во други болници во Скопје доаѓаат пациенти од цела република, така се креираат листите на чекање. Ги нема овие листи во внатрешноста. Мора да направиме регионализација и регионален здравствен развој. Пациентот мора да добива услуги и во местата каде живее“, додаде директорот на „8 Септември“.
Тој потенцираше дека е невозможно листите на чекање да се намалат доколку пациентите од источниот и западниот дел на државата продолжат масовно да се лекуваат во Скопје.
„Не можете да очекувате листата на чекање да се намали тука, ако таму се пациентите од Струмица, Штип, Велес, цел исток, цел запад. Листите се креираат затоа што бројот на здравствен персонал не може да направи чудо, толку трае денот – 24 часа“, рече Стојаноски.




