Голманот на РК Вардар, Борко Ристовски ќе го тужи Македонскиот олимписки комитет поради суспензијата од четири години која му ја изрече претседателот на МОК, Даниел Димевски поради критиките дадени во ТВ емисија за првиот човек на комитетот.

– Одлучив да го тужиме МОК во Лозана до Меѓународниот суд за спортска арбитража, а паричната казна која би можел да ја добијам е од 180.000 до 200.000 евра. Половина од парите ќе ги донирам за ракометниот куб, половина за фудбалскиот клуб Вардар. Ова не го правам за мене, туку затоа што го сакам спортот и работите да ги поставиме на здрави нозе, рече Ристовски на прес-конференцијата.

Тој денес го добил образложението за суспензијата од четири години на домашна адреса и смета дека тоа е игра на Даниел Димевски затоа што рокот за жалба од осум дена е истечен.

– Тоа е игра на Димевски. Малку се прецени тој, не знам со кого си имал работа досега, но со Борко кој јас го познавам од мали нозе, тој не си имал работа. Секој нормален правник знае дека оваа одлука е смешна и верувам дека РФМ ќе ми дозволи да играм. Жал ми е што МОК го вовлече во ова, тоа е институција која треба да не обединува, а не да не разединува. Многу сум среќен што во меѓувреме добивме документи од страна на многу институции за можни сторени кривични дела од страна на Даниел Димевски. Ќе упатам апел до државниот обвинител, Министерството за внатрешни работи, до Антикорупциска, да им ги дадам сите документи кои ги имам во оваа црвена папка. Конечно е време да стави крај на оваа олимписка лакрдија, рече Ристовски.

Неговите адвокати рекоа дека многу спортски федерации ги контактирале и очекуваат дека наскоро ќе се состанат и сите да си го постават прашањето дали Даниел Димевски заслужува да биде во спортот со оглед на бројните кривични дела кои наводно ги сторил тој.

Видеото може да го отворите ТУКА.