Заменик министерот за правда на Македонија, Оливер Ристовски, за српскиот весник „Политика“ потврди дека Србија немала обврска да го задржи или да го уапси Никола Груевски кога поминувал низ Србија.

Во разговорот за „Политика”, Ристовски укажа на фактот дека за Груевски во тоа време не била објавена меѓународна потерница.

-Колку што ми е мене познато, ниту еден официјален претставник од Владата на Република Македонија не упати критики за Србија, ниту побара објаснување за тоа зошто Груевски не бил уапсен, рече Ристовски.

Во разговорот Ристовски додава дека ниту една од соседните држави низ која поминал Груевски, пред да биде објавена меѓународната потерница, не била должна, ниту пак смеела да го уапси за дела кој се направени во Република Македонија.

-Не знам зошто тоа воопшто било предмет на дискусија, додава заменик министерот за правда.

Поранешниот македонски премиер, Никола Груевски е осуден на две години казна затвор за случајот „Тенк”. Никола Груевски пред повеќе од еден месец се наоѓа надвор од Македонија и доби азил во Унгарија. Македонија не знае како и кога точно Груевски ја напуштил зејмава.