Русија е подготвена да слушне нови предлози за постигнување решение за конфликтот во Украина, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, нагласувајќи дека секој предлог треба да ја одразува „реалноста на терен“.

Рјабков во интервју за рускиот портал News.ru, изјави дека САД покажале подготвеност за „конструктивен дијалог“ и „разбирање на позицијата на Русија“.

– Во оваа фаза, поважно е до кој степен Вашингтон може да влијае врз одлуките на режимот во Киев и неговите европски покровители, кои сè уште сонуваат за стратешки пораз на Русија, рече Рјабков.

Преговорите меѓу Москва и Вашингтон за завршување на војната во Украина се во голема мера заглавени поради војната во Иран.

Кремљ вчера соопшти дека нема информации за можна скорешна посета на Џаред Кушнер и Стив Виткоф, претставниците на американскиот претседател Доналд Трамп, кои претходно водеа преговори со Русија.

Американскиот државен секретар Марко Рубио минатиот месец, по средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Манила, изјави дека Вашингтон е посветен на помагање во завршувањето на војната, но предупреди дека нема брз договор и дека САД се обидуваат да најдат компромис.

Рјабков вели дека Русија е подготвена да ги слушне новите идеи од Рубио и да го продолжи дијалогот со Вашингтон.

– Руската Федерација е подготвена да ги слушне сите разумни предлози и идеи што се во согласност со целите поставени од рускиот претседател и кои одговараат на реалноста на теренот, изјави Рјабков.

Тој, исто така, посочи дека Русија е заинтересирана за продолжување на разговорите со САД за нуклеарното оружје.

„Нов СТАРТ“, последниот договор за контрола на нуклеарно оружје меѓу САД и Русија, истече во февруари, оставајќи ги двете најголеми нуклеарни сили во светот без ограничувања за нивните стратешки арсенали за прв пат по повеќе од половина век.

Москва соопшти дека ќе продолжи да се придржува до ограничувањата од договорот сè додека Вашингтон го прави истото.

МИА