Украина никогаш нема да стане членка на Северноатлантската алијанса (НАТО), изјави заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, предупредувајќи дека воената алијанса предводена од САД не треба да ги повторува грешките од минатото, пренесува Раша Тудеј.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, минатата недела изјави дека нема прашање за членство кое треба да се дискутира освен ако Киев не ја победи Москва на бојното поле.
– Треба да осигураме дека Украина ќе победи, тоа е апсолутен минимум за Украина да стане членка на алијансата, рече тој.
– Ова значи дека тоа никогаш нема да се случи, изјави Рјабков за новинската агенција ТАСС во вторникот и додаде дека се надева дека господинот Столтенберг го разбира ова.
Рускиот дипломат рече дека Столтенберг треба да биде свесен за тоа што се случи откако НАТО објави на самитот во Букурешт во 2008 година дека Украина на крајот ќе стане членка.
– Ова придонесе многу за целата криза која ја набљудуваме денес. Ако членките на НАТО се подготвени да паднат во истата замка повторно и историјата не ги научи ништо, тогаш ќе бидат повторно удрени и нивните модрици ќе станат полоши, рече тој повторувајќи дека членството на Украина во НАТО е исклучено како возможна опција.
М.П.