Македонскиот ракометен тим Алкалоид во Норвешка испиша нова историја, без тројца клучни играчи успеа да го издржи притисокот на реванш мечот и да дојде до резултат кој носи нови големи моменти за младиот тим.
Реваншот беше пеколно тежок, Рунар после само 7:30 минути ја анулираше негативата од пет гола од првиот меч, поведе со 6-1. На другата страна Алкалоид ослабен без капитенот Игор Ѓоргиев, тешко играше во нападот, секоја грешка беше казнувана. Лазаров повика тајм-аут, Серафимов не успеа да реализира пенал, но изнуди нов, па Дамјан Митев ја поправи грешката, а Велковски намали на 6-3 во 9. минута. Рунар не застана поведе со +6 (10-4) во 14 минута.
Мечот продолжи во брзо темпо со тоа што Алкалоид беше во негатива од четири до пет гола, ритамот беше речиси истиот од Скопје.
Во 23-та минута Кизиќ запиша две важни одбрани, но истите не беа максимално искористени. Алкалоид пропушти да дојде на минус два при 16-13. Следеше казна од два гола на Рунар за 18-13. Одговор имаше и Алкалоид, Велковски, па Кизиќ запиша одбрана, а Митев од седум метри намали на 18-15. Рунар на одморот зана со 19-15.
Вториот дел беше вистинско надигрување во силно темпо, Алкалоид во 37 минута при 22-19 не искористи шанса да дојде на минус два. Ова успеа да го направи четири минути подоцна, Митев од седум метри и Велковски од контранапад намалија на 25-23.
Рунар остана со играч помалку, но на голема среќа на средината на второто полувреме не искористи напад да дојде на нови плус пет, Џонов постигна важен гол за 28-25. После серија на грешки на двете страни, Серафимов во 48. минута намали на 28-26.
На стартот на 50-та минута, при 29-26, Галевски запиша две важни одбрани, но Алкалоид не претвори ниту еден напад во погодок. Тензијата на теренот продолжи, момците на Лазаров не се снајдоа најдобро во нападот, па Рунар во 57 минута дојде на плус шет (33-27).
Време беше за тајм-аут, сепак Алкалоид не успеа да намали на четири гола, па победникот после регуларните 34-29 беше решен после изведување на пенали, а таму подобар беше македонскиот тим.
Во серијата Рунар промаши три седмерци, а за Алкалоид погодија Серафимов, Митев и Петковски.
Најдобар стрелец кај Алкалоид на мечот беше Дамјан Митев со девет гола, пред Мартин Серафимов со осум реализации, додека Велковски и Ивановски завршија со по четири гола.
Кај Рунар, Гурих имаше осум гола, а Вулвик даде седум гола. Противник на Алкалоид во финалето на Европскиот Куп на ЕХФ ќе биде грчкиот тим АЕК од Атина.