Цената на бензините од ноќеска на полноќ се зголемува за половина до еден денар, а дизел горивата поевтинуваат за половина денар по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,26 отсто.
Малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за половина денар и ќе изнесува 67,5 денари, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 поскапува за еден денар и ќе чини 70 денари за литар. Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се намалуваат за половина денар и ќе изнесуваат 61,5, односно 50 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ за 0,302 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и ќе чини 33,134 денари.
Како причина за новите цени на нафтените деривати од РКЕ ја посочуваат промената на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во изминатите седум дена и тоа зголемувањето кај бензинот во просек за околу 2,18 отсто и намалувањето за околу 1,5 отсто кај дизелот и за 1,94 отсто кај екстра лесното масло, како и за 0,29 отсто повисокиот курс на дорларот во однос на денарот.