Со определување на опсегот на цени за водни услуги во девет општини, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) на денешната подготвителна седница ја почна серијата на подготвителни седници со кои во наредните три недели се очекува да се определи опсегот на цени за 37 македонски општини со помалку од 10 илјади жители.
-Во изминатиот период РКЕ прими барања од јавни комунални претпријатија од 36 општини и за нив во наредниот период ќе треба да ги донесеме сите потребни водни тарифи. Очекуваме барање за определување на водните тарифи да ни достави и општина Лозово. Во наредните две до три недели ќе донесеме вкупно 71 одлука за водни тарифи за водоснабдување, за одведување на отпадни води и за прочистување на водата. На оваа подоготвителна седница ќе се разгледуваат барањата од општините Делчево, Демир Капија, Јегуновце, Маврови Анови, Зрновце, Чешиново Облешево, Македонска Каменица, Теарце и Карбинци, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимовски пред почетокот на подготвителната седница.
Тој посочи дека основ за зголемување на цената има само во општина Делчево каде јавното комунално претпријатие подолго време работи со загуба и додаде дека при определувањето на цените РКЕ е обврзана со закон трошокот за вода да не изнесува повеќе од три отсто од вкупните трошоци што ги има едно домаќинство. Најави дека се очекува опсегот на цените што ќе ги предложат да биде во рамки на веќе постоечката цена што се применува, а онаму каде што би имало поскапување би било од 10 до 15 денари месечно по домаќинство.
– РКЕ определува минимален и максимален опсег на цената и своите одлуки ги доставува до јавните комунални претпријатија чиишто управни одбори потоа треба до советите на секоја од општините да предложат да се усвои цена во рамките на минималниот и максималниот опсег и да се применува кај граѓаните. Доколку советот во рок од 150 дена од носењето на одлуката на РКЕ не донесе одлука за цената, согласно постоечката регулатива Регулаторната комисија е должна да донесе регулаторна тарифа која е обврзувачка за јавните комунални претпријатија кои стопанисуваат со водата во соодветната општина, појасни Бислимовски.
Нагласи дека очекува советите во сите општини да донесат одлуки во предвидениот рок и додаде дека имаат прво да определат различна цена за домаќинствата и за останатите комерцијални корисници.
-Советот на општината може да каже, цената за домаќинствата ќе остане иста, а за сметка на тоа цената на останатите корисници, односно за комерцијалните објекти да се зголеми. Нашите искуства до сега покажуваат дека има различен пристап во општините каде веќе се применуваат одлуките на РКЕ, но очекуваме зголемувањето на цената да биде минимално со цел да се одржува инфраструктрата за водоснабдување и да се овозможат нови инвестиции и проширување на опфатот со нови корисници, потенцира Бислимовски.
Апелираше претпријатијата да поведат повеќе сметка за одржувањето и проширувањето на мрежата, со цел, како што рече, да не се доведат во ситуација заради неодржување на водоводната мрежа граѓаните да немаат соодветно водоснабдување и да имаат драстично зголемени трошоци заради купување на вода во шишиња или, пак, да пијат вода од бунари за која многу тешко може да се определи квалитетот.
РКЕ лани донесе 76 одлуки за сите општини во земјава кои имаат над 10 илјади жители и за Градот Скопје. Со последниот сет на одлуки РКЕ ќе заврши со обврската за определување водни тарифи за регулираниот период од 2019 до 2021 година за општините во Македонија.