Потрошувачите кои се приклучени на Балкан Енерџи Груп да продолжат редовно да си ги подмируваат месечните фактури за испорачаната топлинска енергија, велат од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.
Од РКЕ, чиј претседател е Марко Бислимовски, истакнуваат дека постојниот вршител на енергетска дејност којшто побарал престанување или на кого му е одземена лиценцата, согласно Законот за енергетика е должен да ја обезбедува јавната услуга се до избор на нов вршител на енергетската дејност, односно во случајов производство, дистрибуција и снабдување на топлинска енергија.
-До изборот на нов вршител на енергетската дејност, БЕГ има должност да ја врши јавната дејност за производство, дистрибуција и снабдување на топлинска енергија, нагласуваат од РКЕ.
Оттаму потенцираат дека, согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија и Тарифниот систем, потрошувачот е должен редовно да ги плаќа сметките за испорачаната услуга.
-Потрошувачот има обврска да го плати износот на доспеаната фактура и неплатените фактури од претходните календарски месеци наведени во фактурата за последниот календарски месец – стои во Правилата за снабдување со топлинска енергија, соопштуваат од РКЕ.