Српската вицепремиерка и министер за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ денеска изјави дека за енергетската безбедност на Србија е важно да има можност од повеќе снабдувачи со гас, поради што покрај градбата на гасна интерконекција со Бугарија, Србија забрзано се подготвува за изградба на интерконекција и со Македонија, за што до септември ќе аплицира за средства од ЕУ, јави дописникот на МИА од Белград.

-Не е спорно дека на рускиот гас сигурно ќе сметаме и во иднина, но за нашата земја е многу важно да имаме можност да избираме добавувачи, а тоа ќе го имаме кога ќе ја завршиме гасната интерконекција меѓу Србија и Бугарија. Капацитетот на новиот гасовод е 1,8 милијарди кубни метри, што значи дека почнувајќи од следната зима, Србија може да размислува за добивање најмалку 30 или 40 отсто од своите годишни потреби, кои сега се движат од три до 3,2 милијарди кубни метри, и од други извори, рече Михајловиќ.

Тоа, како што истакна таа, би значело Србија да не зависи од тоа што ќе се случи следната година, а од друга страна, дава можност државата да биде транзит земја за природен гас, како што е транзитна рута во транспортот, бидејќи има изградено патишта.

– Наша задача е да изградиме инфраструктура – градиме интерконекција со Бугарија, забрзано се подготвуваме за изградба на интерконекција со С. Македонија, за што до септември ќе аплицираме за средства од ЕУ, работиме на техничка документација за гасовод со Романија, разговаравме со Босна и Херцеговина, сакаме да го направиме тоа и со Хрватска, и практично да се поврземе со целиот регион, изјави Михајловиќ за ТВ Танјуг.

Запрашана за тврдењата дека диверзификацијата не е можна бидејќи нема доволно гас од други извори, Михајловиќ рече дека енергетиката отсекогаш била поврзана со разни лобија и политики, дека има различни интереси, но дека суштината е она што и треба на Србија и која е политика на Србија во областа на енергетиката.

-Србија за да биде енергетски безбедна мора да има повеќе правци за прилив на гас, што го направивме и денес се снабдуваме и преку Унгарија и преку Бугарија, и од повеќе добавувачи, на што во моментов работиме. Со Азербејџан водиме разговори за што е можно поскоро потпишување на договори за капацитети за следната година кога ќе биде завршена интерконекцијата со Бугарија, рече Михајловиќ.

Таа додаде дека за долгорочна енергетска безбедност потребно е Србија да има и сопствено складиште за гас, поради што планот е да се изгради ново складиште во Итебеј, со капацитет од една милијарда кубни метри гас, што би бил во целосна сопственост на Србија.